Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јуни годинава се издадени 273 одобренија за градење што е за 35,1 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 12, 9 милијарди денари што, пак, е зголемување за 469 отсто.

Од вкупниот број издадени одобренија за градба, 142 (52%) се за објекти од високоградба, 54 (19,8%) се за објекти од нискоградба и 77 (28,2%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 273 објекти, на 159 (58,2%) инвеститори се физички лица, а на 114 (41,8%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

Во периодот предвидена е изградба на 519 станови, со вкупна корисна површина од 45.634 квадратни метри.

Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во наведениот период се издадени одобренија за градење на објекти од нискоградбата со поголеми вредности, како магистралниот транспортен гасовод во Пелагонискиот регион, делница 5 од магистралниот гасовод во Полошкиот регион, биогасната и ветерна електроцентрала во Вардарскиот регион, далноводот од Битола до македонско-албанската граница во Југозападниот и во Пелагонискиот регион – велат од Државниот завод за статистика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.