За околу 20 отсто се намалени површините засеани со тутун годинава во Струмичко во споредба со лани, информира Марјан Трајков од Здружението на тутунопроизводители „Басмак“ од селото Василево.

-Откупните компании потпишаа помалку договори со тутунопроизводителите и за помали површини. Лани беа потпишани околу 2.700 договори, а годинава над 2.000, односно засеаните површини се намалени од ланските 1.200 хектари на помалку од илјада. Но, и покрај тоа очекуваме добра реколта и квалитетен тутун, изјави Трајков.

Тутунарите годинава очекуваат и зголемени откупни цени кои би биле за десет до дваесет денари повисоки за секоја класа.

-На ниво на цела држава ќе има и намален откуп, односно ако лани се откупија околу 27 илјади тони, годинава се очекува откупувачите да прифатат околу 23 илјади тони тутун, вели Трајков.

Во Струмичко годинава бербата на тутунот почна пред три дена. Таа традиционално почнуваше на крајот на овој месец, но дел од тутунопроизводителите поради поволните временски услови порано го засадија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.