Извршителите незадоволни од намалувањето на наградата, денеска ги затворија канцелариите во знак на револт.

Претседателот на Комората на извршители Зоран Димов изјави дека прекинот на работата е еднодневен и се надева дека сите извршители ќе го поддржат протестот.

Голем број на извршители едвај прежвуваат во своите канцеларии. Има извршители кои немаат толкав број предмети, немаат ни предмети од таков опсег. Треба Министерството заедно со Владата, да не повика, да поразговараме и да се донесе компромисно решение, вели Димов.

Велат мораат да го искажат револтот и незадоволството од новиот Тарифник кој им го предложила министерката за правда, Рената Дескоска.

Најмногу негодуваат за тоа што со него им се намалува од 1.000 на 300 евра, максималната награда за извршителот, која можат да ја наплатат при извршување од сметките на граѓаните. Граѓаните, пак, се збунети, и со неверување ја примија веста дека наместо тие штрајкуваат извршителите.

Министерството за правда најавува дека до крајот на неделава ќе излезе со сериозни предлози за три законски решенија од кои дел предвидуваат измени во Законот за извршување, но и создавање на посебни закони за решение на каматите и репрограмирањето на долговите.

Потсетуваме дека го изменивме Законот за извршување, го доуредивме постапувањето на извршителите и сериозно ја намаливме Тарифата на извршителите. Така, за извршување на платните налози за комунални дејности, трошоците на граѓаните се намалени најмалку 5 пати. Единаесет ставки од Тарифата на извршителите со новите измени се сега бесплатни, односно за нив извршителите немаат право да наплаќаат трошоци, велат од ресорното министерство.

Во однос на денешниот протест на Комората на извршителите, велат дека Комората е автономна во своето одлучување и додаваат дека Министерството ги разгледува опциите за правичност во извршувањето и заштита како на доверителите, така и на должниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.