Репортерот на „Дојче веле“, Немања Рујевиќ, во вторникот посети маркет на Лидл во Бон, за да спореди каква е цената на дел од основните производи во Германија, каде нема замрзнување на цените, и Македонија каде тоа се практикува од минатата недела.
Така на пример, сончогледово масло во овој дисконт во Германија чини 1,39 евра. Истото во Македонија ќе го најдете од 89 денари – близу 1,5 евра – па нагоре. Пченичното брашно во Бон можете да го купите за 45 центи, во Македонија за 40 денари или околу 20 евроценти поскапо. Кристален шеќер во Лидл чини 79 центи, во македонските дисконти може да се најде поевтино- за 40 денари. Млекото со 3,5 отсто масленост во Македонија ќе ве чини најмалку 50 денари, во Германија може да се најде за 80 центи. Ако купувате месо, во Македонија ќе минете нешто поевтино – за килограм свинско ќе платите околу 350 денари, додека во Германија 6,99 евра.
Севкупно гледано, цените на производите се слични, со таа разлика што стандардот на граѓаните во Германија е далеку повисок – барем седумпати од македонскиот.
Kако е можно, во држави со толку различни стандарди на граѓаните, цените да бидат толку слични, па дури и пониски во побогатата земја, oбјаснува уредникот на економската редакција на ДВ, Хенрик Беме.
Зошто е храната во Германија толку евтина? Поради „Алди“ и „Лидл“. Ние Германците ги измисливме дисконтите. Тие имаат огромна пазарна моќ, прават огромни набавки и ги убиваат цените. Производителите кои сакаат да се најдат на нивните рафтови мораат да исполнат екстремни услови за квалитет и квантитет. Оној што не може тоа да го стори, лета надвор. Затоа се толку исполнителни и со цените, објаснува тој.
Втората причина што е толку евтино, признава Беме, е што Германците се многу практични кога е во прашање храната, а многу малку префинети – што повеќе за што помалку.
На пример, во Франција храната има повисока вредност, едноставно Французите имаат поинаков однос кон храната. Затоа таму се навикнати на повисоки цени, вели Беме.
Целата сторија на „Дојче веле“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.