Не стивнуваат реакциите околу поскапувањето на струјата. Најавен е нов протест на граѓаните, додека енергетските компании молчат и немаат абер од враќање на цената на нивото пред поскапувањето. Спиралата на зголемување на цените се одврте, со што на удар се најдоа семејните буџети на граѓаните, посебно на оние со пониски примања. Сето тоа ќе предизвика силен удар на животниот стандард.

Кој најмногу ќе го почувствува и што всушност значи повисоката цена за струја за 7,4 отсто што ја одобри Регулаторната комисија за енергетика, односно како поскапувањето ќе биде пресметано во крајната сума што месечно се плаќа почнувајќи од овој месец? Со поскапувањето во сметките ќе се промени цената на потрошената електрична енергија по киловат-час, т.е. таа ќе биде повисока за 7,4 отсто во споредба со претходно, и во евтината и во скапата тарифа. Со оглед на тоа дека вкупната сметка за струја што ја добиваме има неколку ставки, за потрошена скапа и евтина електрична енергија, за моќност на електрична енергија, за улично осветлување, промени на цената ќе има само во ставките за потрошена електрична енергија. Ставката за улично осветлување останува непроменета и фиксен трошок во вкупната сметка за струја.

Според пресметките оној што плаќал 1500 денари месечно, сега ќе плаќа 100 денари повеќе. Кога ќе дојде грејната сезона, оние кои се греат на струја сериозно ќе го почувствуваат покачувањето, зашто на пример сметката од 6000 денари сега ќе им биде качена над 6400 денари.

Инаку во ек на ковид кризата, сите енергетски компании во земјава побараа зголемување на цената на струјата поради зголемените трошоци и намалената потрошувачка, како и поради проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата со ковид-19, притоа не водејќи сметка дека здравстевената криза зададе сериозен удар и врз стандардот на граѓаните. Голем дел од порано вработените останаа без примања, додека дел од вработените живеаат со намалени примања. Токму затоа синдикатите и опозицијата се противат на поскапувањето, граѓаните потпишуваат петиции и протестираат, додека власта останува на ставот дека Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа.

Како за граѓаните, така и за бизнисмените поскапувањето е неоправдано, затоа што не станува збор за трошоци кои не може да се поднесат од страна на тие компании, туку  се работи за профит којшто било очекувано да се реализира, а сега прогнозите се да не биде толку голем колку што било предвидено.

Иако според најавите поскапе само струјата за домаќинствата, а не и за индустријата, се претпоставува дека голем број компании ќе го искористат тоа како изговор за да ги поскапат своите производи.

За експертите, поскапувањето на струјата ќе го влоши и онака нискиот животен стандард, кој веќе е на удар од економските последици од пандемијата на коронавирусот.

Енергетските компании и Регулаторната комисија поскапувањето го правдаат со тоа дека ние сме имале најниска цена на електричната енергија во Европа, но тие треба да имаат во вид дека ние имаме и најмала плата, односно најниски лични приходи. Ние сме во трите најсиромашни земји во Европа, според Евростат, така што не може да се очекува цената на електричната енергија да биде толку висока, велат експертите.

Според податоците на европската статистичка агенција Евростат, поевтина струја од Македонија има во Србија, Косово и во Украина. Најскапа струја во ЕУ се плаќа во Германија од 0,3 евра за киловатчас, додека најевтина во Бугарија каде што е три пати пониска. Во Македонија киловатчас со даноци чини 0,08 евра.

Сепак споредбата на цената на струја во однос на просечната плата, покажува дека Македонија е на самото европско дно.

Според пресметките на Фејсбук платформата Рефлектор, направени врз основа на податоците објавени од Евростат, струјата во Македонија, како процент од просечната плата, е меѓу најскапите во Европа. Така на пример, еден мегаватчас електрична енергија во Македонија чини 19,1 отсто од просечната плата, додека на пример еден Исланѓанец троши само 3,4 отсто од платата за истата количина струја во неговата земја.

Упатените во оваа област велат дека еден од начините да се ублажи ова ценовно поскапување на струјата е државата да го намали ДДВ-то, а другиот начин е да им се помогне на социјално ранливите категории граѓани, што сепак нема суштествено да го реши проблемот.

Според новиот Законот за енергетика, со кој целосно се либерализира пазарот на електрична енергија, начинот на кој се формира цената на електрична енергија сега е поинаков од тој пред три години кога во потполност цената ја регулираше РКЕ, односно сега Универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме) ја купува електричната енергија за своите потрошувачи на слободниот пазар по најниска цена од понудените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.