Супервизијата е системот на активности преку кои Народната банка ја оценува сигурноста на банките, нивото на ризиците кои тие ги имаат преземено и секако, во тој контекст усогласеноста на работењето на банките со прописите. Основната цел на Народната банка при извршувањето на супервизорската функција е одржувањето сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките,  oбјаснува во интервју за МИА генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова.

Како се спроведува супервизијата?

Во рамки на процесот на супервизија, активностите се спроведуваат главно преку четири пункта: издавањето дозволи и согласности, постојаното вонтеренско следење, спроведувањето непосредни теренски контроли и изрекувањето супервизорски мерки кон банките. Овие активности се остваруваат согласно со супервизорски процедури и практики, кои се усогласени со најдобрите меѓународни стандарди.

Но супервизијата не се само процедури. Супервизијата се луѓето, супервизорите кои ги применуваат тие процедури и чиј капацитет и стручност се градат низ годините и овозможуваат квалитетно и ефикасно извршување на супервизорската функција. Воспоставениот систем и начинот на спроведување на супервизијата на Народната банка вклучува бројни нивоа на интерни контроли и неколку нивоа на разгледување и анализа на наодите, што е во функција на обезбедување висока професионалност и најважно – носење најсоодветни супервизорски одлуки.

Начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од ММФ и Светската банка, при што беше потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.