Продолжува напредокот на Македонија на листата земји кои вложуваат во иновации и иновациска структура што резултира во економски напредок. Како што посочуваат од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), на најновиот извештај на Глобалниот иновациски индекс (ГИИ) за 2020 година објавен на 2 септември 2020 година, Македонија годинава се искачила за уште две места погоре во однос на минатата, односно за 27 во однос на 2018 година.

Во глобалниот извешта кој рангира 130 држави во светот во однос на иновативните перформанси по 80 различни параметри, Македонија е на 57 место.

Од ФИТР велат дека оваа година Македонија има голем напредок и во однос на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции каде е рангирана на 46. место што е за 6 места повеќе од минатата година, а особено повисоко во споредба со 2018 кога беше на 71. место. Во однос на постигнатите резултати од иновациите, земјата го задржа 63. место, како и во 2019 година, односно 30 места повисоко од рангирањето во 2018.

Споредбено со другите економии во Европа, од групата 37 земји со средно-високи примања, Македонија годинава има натпросечни оцени во четири од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, знаење и технолошки резултати и софистицираност на пазарот, што според извештајот се должи на подобрена бизнис клима и зголемено ниво на достапност на финансиски средства од државата за поддршка на домашната економија.

Како што посочуаат од ФИТР, во однос на останатите европски економии опфатени во студијата, Македонија има натпросечни резултати во делот на софистицираност на пазарот, каде е на 17-то место, што е значителен скок од минатогодишното 28 место.

Во извештајот Македонија е рангирана на 13. место меѓу 37 економии со средно-високо ниво на приходи во кои спаѓаат и земји како Русија, Кина, Бугарија, Малезија, Тајланд и Србија. Над очекувањата се и перформансите на иновациите и поврзаноста со БДП по глава на жител, споредено со нивото на развој на земјата.

Напедок во однос на минатата година има кај индикаторите за квалитет ИСО9001 (ранг: 22) и високо и средно-високи технолошки производи (21), а значаен успех има и во однос на еколошка оддржливост (17), бизнис климата (30) и заштита на интелектуална сопственост (23).

Во однос на препораките се наведува дека земјата треба да вложи повеќе во образование, подобрување на образовниот систем, како и зголемување на соработката помеѓу бизнис секторот и академската заедница, што е оценета на многу ниско ниво. Дополнително, извештајот посочува на потребата од поголеми вложувања во човечки ресурси и истражувања.

Швајцарија и годинава е на прво место, според анализата на ГИИ, а меѓу првите пет се и Шведска, САД, Велика Британија и Холандија, додека на дното се Гвинеја и Јемен.

Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 13 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел од САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.