Ирена Петрушевска е стечајна судијка на пропаднатата банка Еуростандард банка, а нејзиниот сопруг, Моме Петрушевски од Струмица е сопственик и управител на неколку фирми кои имаат кредити и депозити во истата банка. За ова знаел и стечајниот управник Душко Тодевски, но засега никој не реагира на овој очигледен конфликт на интереси, предупрадуваат лица чии штедни влогови денеска се дел од стечајната маса во Еуростандард.
Според информациите на овие штедачи Моме Петрушевски е сопственик и управител на фирмите Ројал органик, Ројал органик југо, Бауер инвест груп, Агрострмош и ЗИК Смачковце.
Две од овие фирми, Ројал органик југо и Ројал органик, имаат кредити и депозити во Еуростандард банка во стечај.
Иако овие податоци се познати, ниту една институција, ниту пак поединец, судијката или стечајниот управник, не побарале изземање од овој случај.
Инаку, Моме Петрушевски во 2018 година добил кривична пријава од кумановската полиција за „предизвикување лажен стечај, фалсификување или уништување на деловни книги и оштетување или повластување на доверители“ (билтен на МВР од 6 март 2018).
Стечајниот судија и стечајниот управник, координирани од Моме Петрушевски, можат да остварат само сопствени придобивки, а притоа да наштетат на сите засегнати клиенти на Еуростандард банка, велат дел од оштетените штедачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.