Ситуација со корона вирусот на нозе ги крена сите. И додека на еден фронт се води битка за спречување на ширење на заразата, преку превенитивни мерки наложени од страна на Владата, се јавија и компаниите кои излегоа со апел да им се помогне, како би се намалила нивната загуба од новонастанатата ситуација.

Тие веќе почнаа да ги бројат штетите од немањето туристи, застои во работењето на капацитетите, скратеното работно време на угостителите и оние што ги снабдуваат, блокираниот транспорт. На сето ова се надоврзува и отсуството на работниците од работните позиции доколку имаат деца до 10 години, кои фирмите треба финансиски да го покријат, а ќе работат со намален број на вработени.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на овие нивни барања и апели врати дека профитот не треба да биде поважен од здравјето на граѓаните. Тој нагласи дека Владата засега не планира некоја конкретна мерка со која би им помогнала финансиски на компаниите, но доколку и после овие две недели продолжи забраната за работа на градинките и училиштатата, сигурно дека ќе се разговара и за такви мерки.

Имаме одлуки за Владата и препораки за реалниот сектор, за приватните компании. Секако дека одговорноста треба да биде на сите нас. Кога говорам дека ништо не е поважно од здравјето и животот на граѓаните, тоа значи дека и профитот не е поважен. И тој што мисли дека ќе може да профитира во вакви услови на било кој начин, ќе нема успех во тоа. Така што, доколку имаме состојби во кои треба да се испочитуваат овие препораки и нема начин на кој би биле згрижени нивните деца, ако има притисок врз работниците или скратување на нивните права, треба да се обратат до надлежните инспекторати. Оваа мерка важи до 24 март. До тогаш има можност и начин како тоа да се изменаџира за тие 14 дена. Сега не почнуваме со некоја економска мерка која може во ова да го помогне, бидејќи навстина нема потреба од тоа. Но доколку имаме зголемен период на продолжување на забраната за училиштата и градинките, секако дека ќе се развијат и такви мерки – порача Спасовски.

Тој беше дециден и дека засега нема потреба од тоа да се свика Парламентот со цел да се гласа ребаланс на буџетот, како последица на изменетите економски услови поради коронавирусот, потенцирајќи дека буџетот е во добра кондиција, а фискалните политики се стабилни.

Инаку бизнис секоторот  од корнавирусот е погоден во сите сегменти.

За да искристализира на каков начин треба да му се помогне на стопанството, претставниците на сите стопански комори во земјава седнаа на заедничка маса со претставници на владата обидувајќи се да најдат модел како да се надминат економските последици.

Решението се бара во внатрешна реорганизација.

Компаниите што имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го направат за да нема застој во работењето, а работниците кои имаат деца до 10 години треба да соработуваат во реорганизацијата. Исто така ги повикуваме компаниите што имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот – рекла Мила Царовска за време на средбата.

На средбата било заклучено дека ширењето на корона вирусот е заеднички проблем, кој заеднички треба да се решава.

Во решавање и за ублажување на проблемите кои евентуално би се појавиле во иднина сме заедно и заедно ги подготвуваме сите мерки кои ќе помогнат да немаме застој во економијата и нема да пречат во продолжување на работниот процес на компаниите – им рекол техничкиот премиер Спасовски на бизнисмените.

Во една форма на кризен штаб владата и бизнисот ќе продолжат да бидат во комуникација и во наредниот период, кога се применуваат мерки и се упатуваат пораки во врска со справувањето на евентуалните кризи при справувањето со корона вирусот.

Во поглед на граѓанската паника и инвазијата на маркетите, Спасовски вели дека стоковите резерви на земјава се соодветно пополнети според законската можност и обврска, и порача апсолутно граѓаните да немаат страв.

Одговорно однесување значи дека од утре не треба да ги преплавиме сите маркети и да купуваме намирници. Да реагираме без паника. Економските мерки не треба да се пласираат бидејќи земјата е во зелената фаза и фискалните импликации не се такви за да преземаме драстични мерки. Но, сме подготвени со конкретни мерки, доколку тоа се случи, како и на кој начин да се реагира – објаснил техничкиот премиер.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.