Денарот останува стабилен – фиксниот курс е клучно сидро на стабилноста на македонската економија. Девизните резерви достигнаа 3,7 милијарди евра во септември и со оглед на добрата надворешна позиција, очекуваме дека ќе бидат стабилни и во 2022 и 2023 година, одржувајќи соодветна покриеност. Надворешните ризици се дополнително ублажени со репо-линијата којашто Европската централна банка ѝ ја одобри на Народната банка. Ова, како што информира денеска Народната банка, се дел од констатациите на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, изнесени во извештајот со којшто се потврдува кредитниот рејтинг на земјата.

Во извештајот е нагласено сведувањето на основната каматна стапка на историски најниското ниво и очекувањето на „Фич“ за олабавена монетарна политика на Народната банка и во следниот период, во отсуство на зголемување на стапката на инфлација во текот на следната година и во отсуство на натамошни притисоци врз домашниот девизен пазар. Притоа, од агенцијата за кредитен рејтинг истакнуваат и дека македонската економија има историја на ниска инфлација и на финансиска стабилност поддржана од кредибилните макроекономски и финансиски политики, што соодветствува на успешното одржување на стабилниот девизен курс на денарот. Во извештајот нагласуваат и дека, тековно, пристапот до надворешно финансирање е поволен, а странските инвестиции се отпорни, се вели во соопштението од Народната банка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.