Министерот за финансии Фатмир Бесими, на средбата во Брисел со заменик-генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, Мачеј Поповски, истакна дека евроинтеграциите ќе обезбедат можности за повисок раст.

Ние сме максимално посветени на зацврстување на оваа стратешка определба преку поставување силни темели коишто ќе овозможат реализација на клучните реформи – истакна Бесими.

Како што информираат од Министерството за финансии, на средбата било истакнато дека земјите од Западен Балкан се стратешки партнер на ЕУ и дека пристапот за проширување мора да се отвори без понатамошно одложување на европскиот пат на земјите од регионот. Исто така, еден од заклучоците на средбата бил дека членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ може да имаат позначително влијание врз инвестициската активност и спроведувањето на структурните реформи.

Во делот на стратешките приоритети, Бесими истакнал дека ефикасното користење на  пристапната помош од ЕУ и зајакнувањето на воспоставениот систем за финансиско управување и контрола на средствата од ИПА во насока на прилагодување на системот за управување со структурните фондови, е поставено како приоритетна цел за годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.