Малите и средните претпријатија ќе имаат на располагање нови 100 милиони евра од Европката инвестициска банка. Ќе бидат поддржани најмалку 300 проекти, а условите под кои ќе бидат дадени се поволни и ќе имаат субвенционирана каматна стапка до 1,6 отсто.

Одлука за ваква каматна стапка е донесена за првите 50 милиони евра, а за наредните 50 милиони ќе зависи од моменталната состојба во еконоијата. Ќе се пласираат преку комерцијалните банки, со кои во наредните две до три недели ќе потпише договор Развојната банка на Република Македонија, до која ќе се доставуваат проектите на одобрување.

Договорот за новите 100 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова и директорот на Развојната банка на Македонија, Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството се додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од Европската инвестициска банка, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резулати. Денеска потпишавме исклучително важни договори со Европската инвестициска банка, со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за малите и средни фирми во Република Македонија или една значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од Ковид-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст – изјави Бесими.

Потсетувајќи на шесте пакети мерки што ги донесе Владата за стимулирање и поддршка на економијата и ранливите категории, Бесими изјави дека и новата кредитна линија од 100 милиони евра е во таа насока.

Преку внесување свежи средства во економијата ќе се стимулира процесот на заздравување на економијата кој според економските показатели е се поевидентен, а истовремено ќе се поддржи и стабилноста на банкарскиот сектор – истакна Бесими.

Кредитната линија е дел од поддршката на Европската Унија и Европската инвестициска банка за адресирање на ефектите на Ковид-19 пандемијата врз економијата.

Потпретседателката на ЕИБ, Павлова истакна дека овие средства ќе одговорат на ликвидносните потреби на фирмите за обртни средства, но и ќе поттикнат долгорочни инвестиции во земјава, во контекст на економско заздравување и иден раст.

Оваа линија е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка за опоравување на земјите од Западен Балкан од Ковид-19. Ја користам оваа можност да ја изразам целосната поддршка на ЕИБ кон Република Македонија и регионот во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ – изјави Павлова.

Таа потенцира дека сакаат да видат како земјава искористува што е можно повеќе од можностите и од економскиот инвестициски план на Европската комисија во којшто ЕИБ ќе одигра многу важна улога.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир посочи на тоа дека малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија и дека тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено кога станува збор за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда.

Токму затоа, Тим Европа, односно Европската Унија и земјите членки, како и поврзаните финсиски институции, презема чекори да ги поддржи малите и средни претпријатија во Република Македонија уште од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации, така со помошта на ЕУ, тие можат да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата од здравствената криза – изјави Гир.

Директорот на Развојната банка Кире Наумов посочи дека првични податоци укажуваат на голем интерес за кредитната линија и дека го надминува првиот лимит од 50 милиони евра, а за кои има одлука од Владата за субвенционирање на каматната стапка и тие би биле пласирани со камата максимум до 1,6 отсто.

Кредитите ќе бидат давани на мали и средни претпријатија за инвестиции и за обртни средства. Максималниот износ за инвестиции ќе биде до 3 милиони евра, и 12 години отплата, со грејс период од 2 години, додека за обрни средства до 666 илјади евра, рок на отплата до 3 години со грејс период од 6 месеци. Немаме огрничувања на секторите или индустриите што можат да ги користат, освен неколку индустирии кои ЕИБ ги има класифицирано како жолти зони, односно не може да користат градежните компании од оваа линија на ЕИБ – појасни Наумов.

Тој најави дека во наредните две до три недели ќе бидат потпишани договорите со комерцијалните банки и тогаш ќе може да почнат да се праќаат проектите до Развојната банка.

Во последните 13 години до денес, воспоставени се шест договори со ЕИБ од 550 милиони евра кои се ставени во полза на економскиот развој во земјава, со кои се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и креирани се 8.029 нови работни места.

Од претходните пет заеми од Европската инвестициска банка преку Развојната банка се пласирани средства во вкупен износ од 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствената дејност, 127 милиони евра кон компании со дејност трговија, 40 милиони евра кон компании од транспортната дејност, и компании од други дејности како – услуги, угостителска дејност, здравство, образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.