Економските експерти ги оценуваат како добри олеснетите услови за мерката за финансиска помош за исплата на плати за април и мај годинава, што денеска ги презентираше министерката за финансии Нина Ангеловска.
Според нив, избрзани се и не се соодветни реакциите од синдикатите и здруженијата на граѓани дека и со олеснетите мерки целиот товар од кризата предизвикана од коронавирусот ќе падне на вработените, зашто, како што велат, никој не поддржува одјавување на работници, напротив се прават напори да се зачуваат работните места.
– Искрено реакцијата на синдикатите е непотребна затоа што не е до крај сфатена мерката и не може да се гледа парцијално. Велиме да тоа е еден од критериумите дека им се дава можност за отпуштање, но од друга страна што се треба да направат компаниите во однос на развој на човечките ресурси за да не ги вратат средствата. Замислете компанија која ќе инвестира одредена сума на пари во човечките ресурси дали таа компанија после ќе биде склона да ги отпушти тие луѓе. Затоа велам уредбата е направена на таков начин што еден критериум не се исклучува со друг, туку заедно живеат и во суштина ако се сфати онака како што треба ќе испадне сосема логична, изјави поранешниот извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Фатмир Битиќи за МИА.
Сметам, додава Битиќи, дека ни треба малку повеќе време за да ја „соџвакаме“ одлуката и реакциите ќе дојдат на место, посочувајќи дека тенденцијата оти ова ќе доведе до голем број на отпуштања на вработени не е таква. Во периодот – март и април, истакна тој, во Агенцијата за вработување бројот на одјавени и новопријавени се уште е на ниско ниво, како и во нормални периоди на годината, а не во услови кога има криза.
– Сметам дека реакциите се само првични и дека после некој ден откога ќе ги прочитаме сите детали ќе увидиме дека мерката е доброобмислена за да им помогне и на работниците и на стопанствениците да го пребродат овој тежок период. Секако целата на никого, апсолутно на никого не е да се намали бројот на вработени или да се зголеми бројот на отпуштања од работа во државата. Ние на крај знаеме колку кубуриме со човечкиот фактор во Македонија и работната сила и не би требало луѓето да го гледаат ова како поттик за некого дека сега има одврзани раце да отпушта. Мислам дека не е баш така и оти треба да се види уредбата од сите агли и мислам дека полека луѓето ќе ја сфатат суштината. Затоа велам, дека уредбата има низа на критериуми кои меѓусебе не се исклучувачки, а се конзистентни сами по себе, посочи Битиќи, кој е актуелен претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.
Според него, она што денеска го направи Владата е одговор на повеќето компании кои се засегнати од коронавирусот.
– Денешната уредба не треба да се чита само од еден аспект, а мислам дека повеќето тоа го прават, дека олеснувањето е за процентот на варијација во бројот на вработени. Во суштина олеснувањето кај повеќето компании е многу повеќе. Таму има дека целата сума која што ја добивате може да стане грант ако исполните одредени услови, т.е. ако компанијата продолжи да работи. Тоа значи ако компанијата овозможила инвестиции во човечките ресурси секако помошта нема да треба да ја врати, туку напротив, ќе ја добие како грант. Тоа никој не го укажува и мислам дека рекацијата е парцијална и тенденциозна, потенцира Битиќи.
Тој потсети дека оваа Влада не го користи првпат овој критериум или оваа мерка.
– Ние во Законот за финансиска поддршка на инвестиции минатата година направивме таква измена во која им дадовме флексибилност на компаниите кои користат средства од Буџетот за поврат на инвестиции, за да имаат олеснување ако бројот на вработени варира. Не треба да занемариме дека токму во периоди на кризи и кога компаниите инвестираат можат да воведат нови технологии за да бидат поконкурентни, а воведувањето на новите технологии не мора да значи априори да го задржиш истиот број на луѓе, рече Битиќи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.