Активисти на НВО „Еко-свест“ реагираат дека и покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации да се почитуваат мерките за заштита на животната средина, Маркова Река деновиве е комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река.
Од „Еко-свест“ истакнуваат дека по алармирање од локалното население, деновиве излегле на терен и дека бараат Министерството за животна средина да почне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145, а концесионерот да ја поправи состојбата на реката.
Реката и речното корито се целосно уништени. Цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем.
Според членот 44 од Законот за води „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи.
Според член 49 од истиот закон треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода – велат од „Еко-свест“.
Членката на организацијата, Ана Чоловиќ Лешоска, нагласува дека штетата која е направена не може да се надомести.
Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило.
Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа.
Што е уште пострашно, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе. – посочува Чоловиќ Лешоска.
За нас ова е трагедија со долготрајни последици. Ништо што е живо не може да преживее без вода, вклучително и човекот. Бараме од Министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса.
Исто така, бараме да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, бараме од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет – порачуваат од Еко-свест и нагласуваат дека е потребна итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.