Ех, да се сите криминалци како мене, кај ќе ни беше крајот…, реагира Игор Џамбазов по соопштението на Здружението на оштетени штедачи од „Еуростандард банка“.
Драг мој народе,
денес низ медиумите осамна соопштение од страна на оштетените штедачи од Еуростандард банка, во кое е спомнато и моето име. Во него се изнесени аргументи, кои во несебична помош на дел од медиумите, станаа невистини кои морам да ги демантирам.
1. Точно е дека Друштвото „Брачна игра“ на 31.07.2017 година, зема кредит од Еуростандард банка во висина од 700.000 денари. Повторувам… денари. Милионите, ама во евра, ги земаа некои други. Кредитот беше земен по најрегуларен пат, како и многу други фирми од областа на културата кои се обидуваа не само да преживеат, туку и да создадат некаква вредност на уметничкиот пазар, и беше наменет за два нови проекти во театарот.
2. НЕ Е ТОЧНО дека „Брачна игра“ не вратила ниту денар. Досега се вратени 324.736 денари. Значи, скоро половина. Тоа го кажуваат и документите што ни ги испрати банката. Треба да се врати остатокот, плус каматите.
3. НЕ Е ТОЧНО дека Друштвото „Брачна игра“ во време на земањето на кредитот немала приходи и пливала во долгови. Работевме и повеќе од солидно, Фирмата имаше само еден долг кон една скопска фирма вклучена во еден од проектите, кој навистина не беше голем. Можеби колку една плата. Вториот долг е долгот кон банката.
4. Друштвото „Брачна игра“ не е во стечај, за што постои и документ од Централниот регистар. Само што не функционира од веќе познатите причини, како и 90 проценти од фирмите.
Кредитот беше враќан сè до крајот на 2019 година. Идејата ни беше да направиме нов проект, и во 2020 година од приходот, да си го вратиме долгот. Потоа дојде короната, и сè како застана. Но никој, никогаш не помислил на можноста кредитот да не се врати. Еве, и сега чекаме на одговор од банката за начинот на враќање, бидејќи добивме опомена преку писмо, дека треба да си го подмириме долгот, што е нормално. Постојат две опции: Договор со банката за продолжување на плаќање на кредитот, или комплетна отплата преку некоја друга банка, за што постои законска можност. Се надевам дека ова набргу ќе се случи, и оваа тажна приказна ќе заврши.
И за крај. Јас, Игор Џамбазов, сум подготвен да ги сносам сите правни последици. Моралните веќе ги сносам, благодарјќи им на медиумите за кои сензационализмот е секогаш пред вистината. Такви биле такви и ќе останат.
За среќа, оние што ме сакаат и почитуваат (а само за нив и ми е гајле во животот) добро знаат дека јас сум чесен човек. За жал, животот ме натерал понекогаш да се дружам и со тие, нечесните. За среќа, повеќе не.
Да, и ќе заборавев. Сите медиуми што во своите наслови напишаа дека Игор Џамбазов не вратил ниту денар, а особено оние кои кажаа дека сум вмешан во криминалот на Еуростандард банка, ќе мораат да го докажат тоа на суд.
Таман да го вратиме кредитот.
А сега вратете се на пописот, ковидот, името, племето, семето, знамето…а да, ќе заборавев…и мамето.
Добри луѓе,
ве сака Ваш Игор.
Ова беше наменето за лошите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.