Државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ) им исплатила на вработените регрес за годишен одмор за 2020 година во вкупна вредност од 166 милиони денари или над 2,6 милиони евра во текот на овој месец. К-15 добиле сите 5.661 вработени и тоа по 26.422 денари или по една просечна плата за секој. Исплатата се случила во време на криза, веднаш откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци за плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Тоа значи дека исплатата на К-15 е со законска основа, објавува порталот  Фактор.

Според  информациите на порталот,  освен ЕСМ и други државни претпријатија исплатиле регрес за годишен одмор во текот на овој месец. Од компанијата за производство на електрична енергија ја потврдија информацијата.

Управниот одбор ги согледа сите околности, остварените резултати, преземените чекори во услови на криза, како и проекции од работењето на компанијата во следниот период и донесе одлука за исплата на регрес на вработените. Исплатата е извршена откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Додека уредбата беше на сила, АД ЕСМ не исплаќаше дневници за патувања во земјата и надоместоци за прекувремена работа за своите вработени, како и хонорар за членовите на Надзорниот одбор, стои во одговорот од ЕСМ.

Сепак од Министерството за финансии за Фактор изјавиле  дека оваа постапка не е коректна.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.