Кој вели дека нема социјални работници во центрите за социјална работа? Секако дека има, но се вработуваат во државни агенции за кои се квалификувани, како на пример Агенцијата за просторно планирање. Затоа пак, отсега архитекти ќе можат слободно да работат со жртви на семејно насилство. Да се запази редот на хаосот.
На јавниот оглас за вработување планер за населби, домување, јавни функции и културно наследство Агенцијата бара лице со завршен Филозофски факултет, студиска програма социјална политика.
Меѓудругите услови за вработување во огласот се вели дека кандидатот кој аплицира за работното место Планер урбанист треба да биде ниво на квалификациите VI Б според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТC или завршен VII/1 степен Филозофски факултет, студиска програма социјална политика и дека кандидатите ќе се тестираат, а прашањата од стручниот дел ќе бидат формулирани од Законот за просторно и урбанистичко планирање и од Законот за спроведување на Просторниот план на Република Македонија.
Од Агенцијата за просторно планирање за порталот Порта 3, специјализиран портал за градежништво, архитектура и екологија, одговориле дека се бара Планер урбанист со Филозофски факултет кој ќе работи во сферата на социјалната политика, дека тоа било така пропишано со нивната систематизација на работни места.
Кога ја побаравме систематизацијата ни одговорија дека е тоа интерен документ на Агенцијата за планирање кој не можат да ни го дадат, да погледнеме во Каталогот на работни места кој го има на сајтот на Министерството за информатичко општество и да ја следиме шифрата од огласот, таа била важна. Следејќи ја шифрата АПП/01/02/В04/004 ниво В04, на страна 41 од Каталогот, шифрата означува Планер соработник за просторно планирање, образование високо, ЕКТС кредити 240, не 180 како што се вели во огласот. Повторно се јавивме на посочениот контакт и прашавме како со Филозофски факултет ќе се одговара на прашања од просторно планирање и ќе се работат планови, повторно ни одговорија дека важна е шифрата, а описот можеби е згрешен и не сакаа да разговараат понатаму, пишува порталот.
Архитектите вознемирени и понижени
И така, драги мои колеги архитекти, спаднавме на тоа дереџе личности со филозоВски факултет да бидат планери и урбанисти! Допирни точки со архитектура и урбанизам 0! Ама ако, малце ни е! Колку се сеќавам, во последниве 2-3 декади не сме имале ниту еден протест, ниту едно реално дигање на гласот на архитектот за да се бори гласно за својата професија! Се претворивме во слепи послушници и цртачи, на ниво на тренирани мајмуни! Јас само не знам зошто сè уште постојат институции како Архитектонски факултет, Комора на архитекти и инженери на Република Македонија и Асоцијација на архитекти на Македонија, кога очигледно се само „на папиру мртво слово, пишува еден архитект по скандалот со државната агенција за просторно планирање која за архитектонски работи бара филозоф.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.