Енергетската јавност во Македонија, но и секој граѓанин со право е загрижен за цената на електричната енергија во претстојниот период, пишува портлаот „Брегалнички“, додавајќи дека државата Македонија е доведена до состојба на енергетска потчинетост што задира во суверенитетот и уставниот поредок на државата.
Хидроцентралите во изминатите 3 години во Македонија постојано се доведуваат до хидролошки минимум со што воопшто не произведуваат или произведуваат струја во минимални количества. РЕК Битола е во постојани дефекти, РЕК Осломеј ретко кога работи а јаглен за работата на овие термоелектрани има многу малку на лагер. Гледаме како пропаѓаат тендерите за набавка на јаглен од странство а тоа што се набавува се набавува по високи цени. Единствената опција за задоволување на електро-енергетските потреби на Македонија е со купување на струја на слободниот меѓународен пазар по цени кои што ги надминуваат досегашните и тоа во значително поголеми износи. Со тоа не треба да бидете некој голем експерт за да утврдите дека Македонија ја очекува драматична енергетска сезона, потенцираат од порталот.
И во таква состојба на општа паника во јавноста (стимулирана од голем број провладини медиуми) за задоволување на електро-енергетските потреби на граѓаните и стопанството, на седници на Владата, Зоран Заев донесе одлуки за утврдување на стратешки инвестициони проекти на приватни инвеститори од областа на енергетиката со огромни финансиски сретства на чинење на инвестициите со кои лиферуваат во јавноста.
На 30.11.2021 година – денот кога Владата прогласи тридневна жалост по повод трагичната несреќа во која живи изгореа 46 македонски граѓани во Бугарија, како посебна точка на Дневниот ред беше донесена одлука за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје. Донесувањето на оваа одлука во јавноста помина речиси незабележано поради тешките ефекти на трагедијата во јавноста.
Во текот на вчерашниот ден (07.12.2021 година) на прес конференција Зоран Заев, Францускиот амбасадор во Македонија и сопственикот на оваа компанија во јавноста го афирмираа овој проект со огромни 270 милиони евра како директна француска гринфилд инвестиција, пари кои ќе треба да бидат инвестирани во фотоволтаична централа “Стипион” на локација каде претходно требаше да биде граден карго аеродромот во Штип. Овој енергетски капацитет беше претставен од страна на Зоран Заев како “еден од најголемите во Европа”.
Притоа Зоран Заев на оваа прес-конференција не пропушти паушално да ги обвини претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ дека не инвестирале НИШТО во енергетиката, пишува „Брегалнички“.
Според информации од терен за реализацијата на овој огромен проект јавноста а особено граѓаните на Штип воопшто или многу малку се запознаени, заедно со локалните власти во Штип.
Во текот на вчерашниот ден доцна попладне, на 125 седница на Владата повторно се носат (сега) две одлуки за утврдување на стратешки инвестиционен проект за изградба на две фотоволтаични централи.
Владата на Република
СевернаМакедонија на денешната 125-та редовна седница донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за производство, трговија и услуги „РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ ДООЕЛ Скопје”, односно за инвестиција на фотонапонска електрана со јачина од 85 мегавати.
Соларната електрана на стратешкиот инвеститор вредна 63 милиони евра ќе биде изградена во атарот на Долни Балван, Општина Карбинци.
На денешната седница Владата донесе уште една одлука за утврдување стратешка инвестиција за компанијата „ХЕК СОЛАР МК ДООЕЛ Скопје”, којашто ќе инвестира во изградба на фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати и со вредност од 53 милиони евра.
„ХЕК СОЛАР МК” соларната електрана ќе ја гради во Општина Пехчево, соопштија од Владата.
Според информациите на „Брегалнички“ станува збор за инвестиции на двајца бугарски инвеститори чии што фирми се регистрирани на иста адреса во населбата Кисела Вода во Скопје.
Сопственик на фирмата „РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ ДООЕЛ Скопје” е Павел Валнев – политичар од Бугарија. Оваа фирма е регистрирана со адреса „Киро Крстевски Бр.33-1, Скопје – Кисела Вода.
Според информациите на „Брегалнички“, Павел Валнев е сопственик и на фирми за оперирање со марихуана во Кочани, Крушево и во Струмица. Станува збор за фирмите „Тетра Хип Кочани”, „Амери Фармаци Струмица” и „5 летерс Крушево”.
Овие фирми, според изворите на „Брегалнички, досега имаат откупено во Македонија над 50 тони коноп и 10 тони цвет од медицински канабис.
Фирмата ХЕК СОЛАР за која владата на синоќешната 125 седница утврди стратешки инвестиционен проект е со управителство на Бојан Славев Табутов. И оваа фирма како и фирмата каде сопственик и управител е Павел Валнев е регистрирана со седиште на истата адреса во Кисела Вода.
Во пошироки бизнис кругови, пишува порталот, кружат непотврдени информации дека братот на Зоран Заев и друг висок владин функционер во владата на Зоран Заев се бизнис партнери на инвеститорот Павел Валнев во овие фирми за оперирање со марихуана.
Прашања кои останаа неодговорени во јавност од досегашните информации пласирани во јавност од страна на Владата и Зоран Заев:
Дали намерно и смислено од страна на надлежните власти во изминатите две години се уништуваше постојниот енергетски систем на Македонија од страна на актуелнита власт, за да се наметне драматична енергетска криза на која ќе се нудат во јавноста овие соларни централи како решение?
Зошто Зоран Заев како Премиер (со непотврдено мнозинство во парламент) брза да ги донесе Одлуките за овие огромни инвестиции во Македонија на попладневни седници на Влада без соодветна дебата во јавноста и во медиумите?
Кои се катастарските парцели на земјиште на кои ќе се градат овие огромни фотоволтаични централи?
Дали станува збор за државно земјиште и под кои услови истото ќе биде ставено на располагање на инвеститорите?
Зошто за реализацијата на овие габаритни проекти по површина не се запознаени жителите и локалните власти на општините Штип, Карбинци и Пехчево во претходна јавна постапка за утврдување на потребата за реализација на овие проекти?
Под кои други услови и со кои други привилегии од државата кон инвеститорите ќе се реализираат овие т.н. стратешки инвестициски проекти?
Бидејки станува збор за огромни финансиски сретсва, постапката со која се донесуваат одлуките за утврдување на стратешки инвестициски проект е направена на крајно нетранспарентен начин. Поради недостиг на целосни информации во јавноста за реализацијата на овие проекти неминовно се покренува прашањето за можни злоупотреби од страна на највисоки државни функционери на штета на граѓаните на Македонија, и затоа јавноста заслужува соодветни одговори и дебата со релевантни експерти од областа на електро-енергетиката во Македонија.
Извор: Брегалнички
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.