И по четири месеци од затворањето на Еуростандард банка никој не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот. На главните носители на криминалот во банката, семејството Костовски, им се дозволува да отворат фирма за управување со инвестициски фонд за да продолжат со понатамошен грабеж или пак да го обновуваат познатиот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје, и сето тоа со нашите покрадени пари, реагираат во соопштение оштетените штедачи.

Дали ќе оставиме времето да помине, оштетените да ги загубат своето здравје и мир а крадците на нивните депозити во регулирана и контролирана банка да бидат слободни и да уживаат со украдените пари!? Доказите за сторениот криминал во Еуростандард банка се видливи и лесно достапни, тука се пред нас. Се работи за потпишани и одобрени договори за дадени кредити и други релеванти материјали вклучително и документи за трансакции за перење пари кои се наоѓаат во архивата и компјутерскиот систем на Еуростандард банка, сега во стечај. Само ако се има волја многу лесно и брзо ќе се дојде до вистината и правдата на оние кои ги очекуваат и се борат за нив, а сето тоа ќе биде и од огромен придонес и за сите останати граѓани и фирми кои чуваат пари во другите банки во државава или работат со истите.

Апелираме и очекуваме да надлежните институции реагираат доследно и го решат овој масовен криминал во сега веќе затворената Еуростандард банка во најскоро можно време. Може веднаш да започнат со луѓето на раководни позиции во банката, оние кои го иницирале, организирале, развиле и спровеле криминалот преку делење на непокриени кредити, перење пари, фалсификувања и измами односно делени пари од депозитите на граѓаните и фирмите на вересија. Потоа лесно може да продолжат и со сите други инволвирани лица во криминалот, добро познати на раководните лица од банката. Вистината мора да се открие и правдата да се задоволи, а криминалците да одговараат за сторените проневери и злоупотреби. Зошто ако нема правда нема да има ни мир, порачуваат оштетените штедачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.