Ајде заедно да ја раскажеме приказната за Македонија, заедно со нашиот иден претседател професорката Гордана Силјановска Давкова. Ајде да ставиме крај на оваа неправда која што денеска и се случува на Република Македонија. Вчера беше 1 април, си реков априлили е кога слушнав дека практично тоа што го гледавме, не го гледавме, тоа што го слушавме не го слушавме. За Мирчо свињарникот никој не слушна, се сеќавате на она евро за Вице, евро за црквата, ама вчера не убедуваа дека при очи не сме гледале, при уши не сме слушале. Тоа не се случило, тоа не се случило никогаш. Исто како овдека што се перчеа, даваа изјави позади себе со тие нивни пајташи дека загарантиран откуп ќе имало за преспанското јаболко, загарантирано ќе било, они знаеле како. Па сега се срамат, се препелкаат не знаат каде да погледаат, бегаат веднат глава. Како не им е жал да гледаат како луѓето со пила ги сечат стеблата кои што ги растеле, ги негувале со години плод да родат, а тој плод егзистенција за нивните семејства да обезбеди?
Како не им е жал? Па уште ќе излезе тој министерот и ќе каже додека нашите земјоделци мака мачат од први до први, господинот одел во Дубаи, патики од Дубаи купувал. Мала му е Македонија, мал му е Балканот, мала му е Европа, дури до Дубаи купувал патики, таму шопингувал. Е тоа е она што денеска е секојдневие и реалност во Македонија. Имаме работа браќа и сестри, добри луѓе со лажови, историски големи лажови. Прв водач на големите лажови е принцот на лагата во политиката во Македонија, Зоран Заев. Тој е инспирација за сите овие луѓе – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред насобраните ресенчани на вечерашниот митинг кој е дел од кампањата за претстојните претседателски избори.

Тој запраша каде е загарантираниот откуп? Каде се субвенциите?

Еден денар килограм јаболка, тоа ли е загарантираниот откуп господине Заев ? Почнавте со сливарите во Пијанец и Малешевијата, праскарите во Росоман, па оние од Струмичко и Радовишко, од Босилово, од Ново село, со раноградинарските производи, до необраните ниви во Пелагонија и сега оризот во кочанско. Продолживте овде во Ресен, кога дозволивте луѓето стеблата да го сечат затоа што вие ги излажавте. Ајде сите заедно браќа и сестри да се мотивираме и да му ставиме крај на Зоран Заев, на 21-ви април гласајќи за идниот претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова.

Мицкоски нагласи дека овие избори не се само претседателски, овие избори се и одлука за крај на лагата, за крај на неисполнетите ветувања, на сите нереализирани очекувања.

Ќе речат одиме напред. Какво напред, какви бакрачи? Одиме напред по една работа. По нивото на корупција, само по тоа одиме напред, заедно со Свазиленд и со Танзанија сме, на исто ниво, први во Европа златна медалја имаме – рече Мицкоски.

Тој додаде:

Врват камионите во РЕК Битола, врват тендери во четири очи, се трансферира бизнисот во една соседна држава, се бега од одовде,се чистат бегаат. Знаат дека ќе изгубат и затоа побрзаа со онаа пресуда вчера што ја обзнанија. Затоа што знаат дека после 21 април во Македонија нема ништо веќе исто да биде. И тие кои што денеска им слугуваат, и тие кои што денеска ги исполнуваат нивните наредби после 21-ви април нема да биде веќе така, ќе завртат нов лист. Затоа што знаат дека овие бескичмењаци заминуваат во политичка пензија. А ние одовде ќе им порачаме нема да имате мирна политичка пензија додека не се соочите со законите кои што ќе го казнат сиот криминал кој што го направивте изминатиов период, од прв до последен. Затоа што пред законите сите се рамноправни и правдата порано или подоцна сите вас ќе ве стигне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.