Пакетот економски мерки кој вчера техничкиот премиер на владата на Република Македонија го промовираше како спас на економијата, која е на колена поради последиците од пандемијата на коронавирусот, се недоволни за стопанството и фирмите кои книжат загуби. Можеби овие мерки некому ќе помогнат, но од нив корист нема да видат оние на кои помошта им е најпотребна во моментов. Факт е дека само мал број на компании ќе користат помош од државата, а другите остануваат на работ на егзистенција, стоејќи пред провалијата која значи нивно згаснување. И додека на пример Србија, подготви пакет од 5,1 милијарди евра за спас на економијата за најмалку три месеци  од годинава, нашата влада од пакетот за помош едноставно го изостави месецот кој вчера заврши, март, а кој прв беше на удар на кризата, од кога практично и ништо не работи и функционира. Македонската влада засега планира помош само за два месеца, април и мај.

Според пакетот мерки за спас во Македонија компаниите кои се погодени од кризата, ќе добијат за април и мај субвенција од државата во износ од минимална плата или 14.500 денари месечно по работник. Сите функционери ќе земаат истовремено во тие месеци само по 14.500 денари односно минималец – а таква плата ќе има и претседателот на државата, премиерот, министрите, директорите.

Од помошта на државата со покривање на минималната плата во Македонија изоставени се вработените во компанија во која имаат помалку сработено од месечно 160 ефективни работни часови, вклучително и за кризниот месец април. Доколку, пак, делумно е сработено, вработените ќе добијат одредена сума, но истата ќе биде пониска од ветените 14.500 денари. За разлика од кај нас, во Србија на пример, исплатата на минималната плата не е условена со месечно ефективните часови.

Ќе се обезбеди и месечна плата (паричен надоместок) за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50 отсто од просечната плата на работникот, во време од 6 месеци.

Исто така претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршна и локална власта нема да земаат надомест за времетраење на кризата

Надомест од 7.000 денари по домаќинство ќе добијат лицата без работен ангажман или лица кои биле дел од неформална економија, за разлика од Србија, каде државата предвидува да подели по 100 евра на секој полнолетен граѓанин.

Кредитите на физичките лица ќе се репрограмираат со намалување на ратите во следните три месеци за 70 отсто од ратата и со продолжување на рокот за отплата за најмалку 90 дена од доспевање. Додека за кредитите кај правните лица ќе се одлучува индивидуално со предлагање на најсоодветни поволности согласно потребите на компаниите. Нови договори за кредити да се одобруваат со 3 месеци грејс период, за кој граѓаните ќе треба да платат дополнителни камати.

Компаните во земјава кои биле успешни и во периодот пред кризата предизвикана од коронавирусот, исплатиле бонуси дивиденди и зголемувања во платата на своите вработени,  сега нема да добијат ништо иако во моментов и тие се погодените од кризата. Со оваа одлука Владата, практично ги казнува овие компании кои сега веќе ги чувствуваат последиците од кризата, но не можат да користат парична помош.

Експертите посочуваат дека се прават големи грешки во справувањето со кризата.

Искуствата од најразвиените економии, меѓутоа и од соседството покажуваат дека клучно прашање е прашањето на агрегатната побарувачка, односно на потрошувачката. Впрочем и Директорката на ММФ укажа на потребата од вбризгување на дополнителна ликвидност во економијата за да се избегне потенцијалната серија на банкроти. Таа наведе дека на земјите во развој ќе им бидат неопходни најмалку 2,500 милјарди долари финансиска помош за да ги надминат последиците од кризата, со оглед дека нивните внатрешни капацитети и резерви нема да бидат во можност да ги обезбедат потребите средстава на пазарите, а како главните последици со кои што ќе се соочат истите се одливот на капиталот, намалување на извозот и намалени цени на суровините. Во таа насока е и досега во историјата незабележани пакети за поддршка на економијата во САД во вредност од 2,200 милјарди долари, во СР Германија 750 милјарди евра, Франција 300 милјарди евра, Турција 15,4 милјарди долари, Србија 5 милјарди евра, итн. Само на тој начин е можно да се одржи понудата на стоки и услуги на пазарот и да се спречат банкротите на компаниите – вели за Република, поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.

Според него излезните решенија треба да ги следат наведените практики и да се фокусираат на три сегменти: поддршка на домаќинствата и животниот стандард на населението, поддршка на компаниите, мерки за обезбедување на макроекономската стабилност.

Најнапред е неопходно да се направат соодветни релевантни анализи кои треба да покажат каква е точно финансиската состојбата на државата во моментов, за да не се лицитира со различни бројки на неопходни задолжувања и да се криера дополнителна паника. Врз основа на истите треба да се изработат соодветни проекции и да се моделираат излезни решенија. Клучно прашање во вонредни услови е постоење на способно и одлучно лидерството, искуството, отвореност за соработка, како и знаењето во областа на управување со ризици. Доколку не се превземат соодветни мерки во вистинско време последиците врз економијата и граѓаните ќе бидат поголеми и ќе се чуствуваат подолг временски рок – тврди Миноски.

 

Србија, за разлика од Македонија  храбро истапи со економски мерки насочени кон намалување на негативните ефекти предизвикани од пандемијата на коронавирус, „тешки“ 5,1 милијарди евра или 11 отсто од буџетот на Србија. Тие се посеопфатни и нудат многу поголема поддршка за стопанството за разлика од македонските мерки.

Пакетот на мерки на владата се состои во одлагање на плаќањето на доспеаните даночни обврски, директна помош на претпријатијата во приватниот сектор, зачувување на ликвидност на стопанството и помош од 100 евра на сите полнолетни граѓани на Србија.

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.