Александар Младеновски, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, сепак бил во Швајцарија, иако во телефонска изјава ја демантираше таквата информација.
Медиумите вчера објавија дека Младеновски заедно со делегација од ДТИРЗ, веќе два дена на државна сметка ужива на саем кој е откажан, заради корона вирусот, а на социјалните мрежи, еден од нив сподели неколку фотографии од Женева, Швајцарија
Република вчера побара одговор од директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, но тој ги негираше овие информации и рече дека е во странство, но не во Швајцарија туку во Франција, на состанок со инвеститори.
Од Владата, сепак потврдија дека Младеновски бил на службено патување во Швајцарија и Франција, но патувањето на директорот го оправдаа дека нема никаква поврзаност со Саемот за автомобили во Женева.
-Директорот на Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони Александар Младеновски е на службено патување од 02.03.2020 до 05.03.2020 година. Завчера (03.03.2020) беше во Женева, а вчера (04.03.2020 година) беше во Јужна Франција. На службеното патување директорот на ТИРЗ, оствари средба со потенцијални инвеститори, чии имиња до донесување на одлука за инвестирање во земјава не се објавуваат. Неговото патување нема никаква поврзаност со Саемот на автомобили во Швајцарија, поради тоа што Саемот треба да почне денеска ( 05.03.2020 година) за кога е предвидено да биде вратен во Скопје, изкавиле денеска од Владата за Економски Лидер.
Но, информацијата на Владата е делумно точна. Иако Саемот требаше да почне денеска, од Владата не знаат или изоставија да кажат дека пред стартот на Саемот има такананаречени прес и вип денови кои се одржуваат пред официјалното отварање на саемот, односно од 2 до 4 март, а на кои исто така присуствуваат учесниците (доколку Саемот би се одржал).
Инаку официјално Саемот во Женева беше целосно откажан на 28 февруари, а тоа значи дека се откажани и закажаните настани пред Саемот, односно и овиепрес и вип денови.
Директорот Младеновски, не само што ги излажа новинарите дека не престојувал во Швајцарија, туку се претстави и како жртва, односно дека ризикувал да има средби со инвеститори во време кога има корона вирус, па дури и дека веќе договорил инвестиција за градот Штип која ќе биде објавена наскоро.
Инаку, организаторите на Саемот за автомобили, по 79 години од одржувањето, годинава првпат го откажаа саемот поради коронавирусот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.