Драган Миновски денеска беше предложен за разрешување од страна на премиерот Зоран Заев како директор на најбогата државна компанија АД ЕЛЕМ, а тој на својот профил на Фејсбук меѓу редови објави дека си заминува и поради вработувањето на Виктор Стојчевски, синот на пратеничката Мира Стојчевска.

За време на неговото директорување беа вработени и други блиски на функционери од политиката, а случаите беа испитувани од Државната комисија за спречување на корупцијата, како ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери, сопругата на шурата на министерот Крешник Бектеши и синот на Тахир Хани, заменик-секретарот на Владата.

–Кога се работи, некогаш и се греши. Со цел да напредуваме и повеќе млади луѓе да вработуваме и задржиме во нашата земја, направиме и неколку пропусти во делот на вработувањата, за што јавноста некогаш со право не напаѓаше, но некогаш поради недоволно информации, бевме безправно напаѓани. Свесен дека секој почеток има и свој крај, како што и веќе сте информирани од денес повеќе нема да ја извршувам функцијата Претседател на Управниот Одбор и директор на АД Електрани на Македонија – АД ЕСМ. Дозволете ми на СИТЕ Вас да Ви се заблагодарам за досегашната соработка, за Вашата посветеност, за искрените желби и напори да излеземе како побединици од сите ситуации и да Ви посакам добро здравје Вам и на Вашите најмили, но и да Ви посакам уште многу, многу успеси во животот, како на професионален, така и на приватен план. Ви благодарам и од се срце може да кажам дека беше чест и задовоство да се работи со секој од Вас!, порача Миновски на својот профил.

Миновски додава дека минатат година Ад ЕЛЕМ направил рекордна добивка, но и дека разрешувањето ќе му дојде добро за да им посвети повеќе време на своите најблиски.

–Во изминатите 1 година и 11 месеци заедно поминавме многу добри, но и стресни моменти. Заедно успеавме да го направиме најдобриот резултат од постоењето на АД ЕСМ и за прв пат да направиме профит од над 29 милиони ЕУР. Успеавме да го стабилизираме производството и да го зголемиме во 2018, но и да проектираме и да се држиме до планот од 10% раст во 2019 година, со реални шанси да биде и уште поголемо. Долго ќе остане во сеќавање и почетокот на 2018 година кога со денови и ноќи заедно со колегите од РЕК Битола се трудевме да ископаме што е можно повеќе јаглен и да ги пребродиме проблемите кои ги имавме со лизгање на земјиштето, но и со откажувањето на економскиот оператор од ископот на јаглен и се тоа со цел да нема увоз на електрична енергија и да произведеме што е можно повеќе. Ќе се сеќавам и на уште бројни стресни моменти кои заедно со Вас, но и со подршка на моето семејство и на Пријателите, кои никогаш не ме оставија, успеавме да ги пребродиме и успешно да чекориме напред. Ќе се сеќавам и на прашањата и на очињата на моите две ќеркички кога ќе си дојдев доцна дома и на моите одговори дека само со напорна, чесна и искрена работа, со Вас драги колеги, работиме на подобра иднина за нив, за Вашите деца, но и за сите граѓани на нашата земја, вели Миновски во дел од неговото објаснување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.