Државата да ги активира стоковите резерви на жито, за голем дел од населението да не го почувствува наглото поскапување на лебот, алармираат познавачите на состојбите. Според професорот на земјоделскиот факултет Драги Димитриевски, владата мора сериозно да се посвети кон решавање на овој проблем, зашто ако продолжи ваквиот тренд, на удар ќе биде најсиромашното население, кое е зависно од овој производ што поскапи за речиси 20%.

Активирање на државните резерви ако продолжи трендот на поскапување. Стапката на сиромаштија е сериозна, а таа стапка е зависна од леб, кој веќе предизвика негативни ефекти, вели Драги Димитриевски, професор на земјоделскиот факултет во Скопје за Алфа ТВ.

Според познавачите на состојбите се поизвесно е дека ваквата спирала на поскапување ќе повлече и раст на цената и на низа други производи. Велат, цената зависи од трошоците на производството на леб, а тие изминатиов период драстично се зголемиле. Прва на удар беше пченицата, која земјоделците беа принудени да ја дадат речиси и без заработувачка.

Постои голема можност да одат на горе и други производи. Лошите услови во земјоделството околу производството на земјоделски култури ќе предизвика за догодина недостаток на пченица на домашниот пазар, а тоа ќе доведе до повторно зголемување на цената на лебот, додава Димитриевски.

Поскапиот леб ќе ја подгрее инфлаторната спирала и ќе поттикне раст на цените и на другите производи, предупреди и Народната Банка. Оттаму велат дека будно ја следат состојбата, но не можат да влијаат врз одлуката затоа што цената се формира на слободниот пазар.

Цената на лебот поскапе за 5, 10, па и 15 денари. Според познавачите на состојбите се поизведно е дека ќе расте цената и на другите производи.

И додека расте цената на лебот, пораснаа и трошоците на живот во ноември во однос на истиот период лани, потврдија податоците на Државната статистика. Граѓаните се жалат, затоа што, како што велат, едвај врзуваат крај со крај. И покрај тоа што, статистички бележи благо покачување на просечната плата, поради порастот на трошоците за живот, речиси и никој тоа не го чувствува.

ММФ посочи дека животниот стандард може да се зголеми единствено со реален раст на економијата, но во најновиот извештај, ја преполови проекцијата од 3,2% на 1,6% и ја смести земјава на последното место во регионот. Претходно и Светската Банка ги спушти очекувањата на 2,5%.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.