Првата аукција на државни записи за 2020 година на износ од 500 милиони денари со рочност од 12 месеци што се одржа денеска во Министерството за финансии е ново зголемување на јавниот долг, рече денеска на прес-конференција дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Според неа, тоа што државните записи се со рочност од 12 месеци јасно укажува дека станува збор за тековно финансирање трошоци.

Оваа власт во заминување и понатаму продолжува да ја задолжува државата. Повеќе од јасно е дека денешното ново задолжување ќе го зголеми јавниот долг, но она што мене повеќе ме загрижува е фактот дека ние имаме повторно задолжување за непродуктивни трошења, потенцира Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека не е инфромирана за денешното задолжување и не се согласува со истото.

Денес се задолживме за некои трошења кои нема никако да влијаат на поквалитетен живот, ние денес ги задолживме нашите деца за работи кои нема ниту да го подобрат нивниот живот ниту да ја подобрат економијата, наведе Димитриеска Кочоска.

На прашање колку е нето задолжувањето со ова задолжување вкупно и колку пари излегуваат за раздолжување таа рече дека нема никакво раздолжување, а нето има 500 милиони денари нов долг.

Прашана во однос на нова еврообврзница, таа рече дека додека е техничка Влада не би потпишале, образложувајќи дека за толку краток период не би било возможно да се погледнат сите проекти кои би биле финансирани од тие средства.

Кога имаме еврообврзница јасно треба да ни биде за што се задолжуваме, притоа секогаш мора да се водиме од фактот кога инвестираме да знаеме што инвестираме и какви ефекти имаме, имаме ли додадена вредност од тие капитални инвестиции или не. За еврообврзница дека се многу пари во прашање секогаш не се оди така едноставно за издавање, така да тука сигурно би требало многу подлабоки анализи, подетално да се погледнат сите проекти кои би биле финансирани од тие средства и во овој краток период тоа не е возможно да се направи, рече Димитриеска Кочоска.

На ова реагираа од МФ, оттаму велат дека аукцијата е редовна, бројот на аукции преполовен, јавниот долг стабилизиран.

Денешната аукција на државни хартии од вредност е редовна аукција предвидена и објавена со календарот за аукции. Taa e согласно предвиденото домашно повлекување утврдено со Буџетот за 2020 година, со тоа што мора да се напомене дека бројот на аукции е двојно намален од 2017 година наваму.

Државните хартии од вредност се евтин извор за финансирање на буџетскиот дефицит, но и на стари доспеани обврски. На пример, каматата на 12-месечните обврзници кои се издадоа на денешната аукција изнесува 0,6%, додека на крајот на месецот треба да ја вратиме втората рата од ПБГ-заемот во износ на 155 милиони евра, која е земена во 2013 година со каматна стапка од 3,9% или повеќе од шесткратно повисока. До крајот на годината доспева еврообврзницата од 2015 во износ од 180 милиони евра со камата од 4,9%.

Годинава за отплата имаме надворешен долг од 437,8 милиони евра и отплата по основ на домашен долг во износ од 264,9 милиони евра. Исто така треба да се финансира и буџетскиот дефицит.

Сепак и покрај големиот број на стари обврски кои доспеваат, успеавме да го стабилизираме јавниот долг и сега тој е дури на пониско ниво во однос на 2016 година. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8%, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7% и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вклалкулиран – што значи дека долгот е понизок за околу 1,5 процентни поени.

За разлика, порано јавниот долг беше брзорастечки, што беше забелешка и од меѓународните финансиски институции. Така од 2008 година од 23% јавниот долг се удвои на 48,8% во 2016 година.

Како успеваме да го стабилизираме јавниот долг? Преку прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: 1.буџетскиот дефицит и 2.сервисирањето на старите долгови.

Буџетскиот дефицит преку постепена консолидација го намалуваме. Така ако порано тој достигнувал и до 4% од БДП, годинава е намален на 2,3%, а догодина ќе биде сведен на 2%, односно е преполовен.

Старите долгови, благодарение на враќањето на довербата на инвеститорите во економијата, се рефинансираат по неколкукратно пониски каматни стапки, споредено со претходниот период.

Во однос на забелешките дека не се процесираат барањата од кабинетот на дополнителната заменик министерка за финансии, сите барања доставени до Кабинетот се процесираат најбрзо можно, стои во реакцијата на Министерството за финасии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.