Македонија е рекордер во регионот со падот на вработеноста во приватниот сектор и тоа се потврдува и од извештај на Светска банка за пролетните прогнози за семјите од Западен Балкан, каде што во државата е забележан пад од 12% наспроти регионалниот просек од 6%, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, претседателка на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната трибина „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“ која што се одржа во општина Карпош.

-Еден извештај кој што излезе од Светска банка за пролетните прогнози и се однесува за земјите од Западен Балкан, дава податоци за тоа колкав бил падот на вработеноста, односно колку се намалил бројот на вработени лица во приватниот сектор во овие земји и каде е тука Македонија. И како просек имаме, падот на вработеноста во приватниот сектор во земјите од западен Балкан е 6%, а кај нас е 12%. Значи ние сме рекордери во регионот по губење на работни места во приватниот сектор, порача Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека кај нас економијата тоне, власта предводена од СДСМ ја презадолжи државата така што ги помина сите црвени линии и со таква слаба економија прашање е како ќе се враќаат овие кредити.

-Кај нас економијата тоне а, за сметка на тоа во период на пандемија и криза ние секојдневно гледавме како се вработуваат лица во јавната администрација. И сега се поставува прашањето, до кога тоа ќе се случува? Земаа една милијарда, годинава уште 800 нови милиони, не презадолжија, ги поминавме сите црвени линии, ќе треба да се враќаат тие кредити, економијата тоне. Како луѓето во власта воопшто размислуваат и ќе остварат стапка на раст од 5%, истакна Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека никој не прашува за трошоците на живот кој во последен период се енормно зголемени и граѓаните одвај врзуваат крај со крај.

-Никој не зборува за трошоците за живот, само зејтинот од мај минатата година до мај оваа година е пораснат за 40%, млекото, брашното по повеќе од 15% имаат раст, за бензините не сакам да зборувам. Ако беа одговорна влада и не гледаа купи ден помини туку гледаа подолгорочно и развиваа стратегија и знаеја дека ќе следи инфлациски шок и ќе растат цени, немаше да ни се случи да имаме покачување на цена на електрична енергија, истакна Димитриеска Кочоска.

Ние протестиравме, додаде Димитриеска Кочоска, против покачување на цената на струјата, бидејќи овој ценовен шок ни го намали животниот стандард и затоа живееме многу потешко отколку што живеевме претходно.

-Може да расте просечната плата доколку се има јасна визија како да се развива економијата, како да владее правото и правдата, да не се менуваат даночните политики во континуитет и да не се обесхрабруваат бизнисмените. ВМРО-ДПМНЕ, може и покажа дека економските политики на ВМРО-ДПМНЕ се подобри од тие на СДСМ и ние ги остваруваме резултатите за тоа што ќе дадеме збор, порача Димитриеска Кочоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.