Пропаѓањето на Еуростандард банка претставува уште еден голем неуспех на актуелната власт и сериозен удар во банкарскиот и финансискиот сектор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакна претседателката на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, по објавата на стечајот за Еуростандард банка се наметнува прашањето дали во Македонија се случува нов октопод и ТАТ втор дел.
Да бидеме на чисто. Државата во услови на корона криза станува неславен рекордер по две работи: првата, станавме единствената земја која во услови на економска и корона криза ја поскапи цената на струјата и втората работа, станавме единствена држава која во вакви негативни услови за земјава дочекува пропаст на банка.
Со ова директно и индиректно засегнати се огромен број на пензионери кои добиваат пензија преку користењето на услугите на банката, луѓе кои добиваат плата, и бизниси кои ги користеле услугите на банката.
Со пропаѓањето на банката доведени се во прашање исплатите кон 55 илјади граѓани, од кој над 35 илјади пензионери и речиси 20 илјади приматели на социјална помош – вели Димитриеска Кочоска.
Како што истакнува таа, со пропаѓањето на банката, на товар на државата во услови на криза се додаваат депозити во износ на 4.4 милијарди денари или околу 70 милиони евра.
Дилеми кои се наметнуваат во овој момент се:
Што ќе се случи со депозитите на правните и физичките лица?
Загрозени се и лицата кои имаат станбен кредит. Важно е и прашањето што ќе се случува со лицата кои имаат хипотекарен станбен кредит, кои редовно си го исплаќале, дали ќе се активираат хипотеките и ќе се продаваат преку извршители?
Почитувани граѓани, ова ќе создаде хаос во банкарскиот сектор и тоа во услови на корона криза. Проблемот треба да се гледа и по систематски, а особено ако знаеме дека во јавноста кружеа информации дека банката имала проблем уште минатата година, дали кризата влијаела и колку влијаела на пропаѓањето, и ако да зошто ништо не е преземено од страна на државата за спас? Но, власта да одговори и дали сега се преземени сите дејствија за спасување на банката?
Исто така сето ова ќе ја подгрее недовербата кон банките, дали е можна спирално вадење на депозитите од банките и страв од нови банкарски турбуленции – вели Димитриеска Кочоска.
Таа посочува дека е очигледен факт дека сето ова ќе предизвика и нестабилност во банкарскиот сектор.
Повторувам, пропаѓањето на Еуро Стандард банка преставува уште еден голем неуспех на актуелната власт и сериозен удар на бизнисот и на над 55 илјади пензионери и приматели на социјална помош – изјави Димитриеска Кочоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.