Никогаш во историјата на РЕК Битола не бил надвор од функција во сред грејна сезона, јаглен има за два дена, може да снема струја, а причините се во тоа што претпријатието се користеше за тендери и испумпување пари, изјави на прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
РЕК Битола е рбетот на енергетскиот систем на земјата и гарант дека државата нема да остане без струја. Овој капацитет заради неспособноста на владата од утрово е надвор од функција. Откако пред неколку дена се запали трансформатор на блок 3, утрово има проблеми и со блок 1. РЕК за првпат по години не произведува струја и тоа не е не планирано, туку од неспособност во сред енергетска криза, кога цените на струјата на светските берзи рушат рекорди“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа оцени дека без РЕК Битола, хидроакумулациите и другите капацитети на ЕЛЕМ не се доволни за да ги задоволат потребите за струја на земјата и дек неработењето на РЕК државата ќе ја чини прескапо.
Дури и со санирање на оштетувањата, РЕК има проблеми, на депонијата, како што официјално кажаа од власта, има само 40,000 тони јаглен, тоа е гориво потребно само за 2-3 дена и тоа без комплетна работа на сите три блока“, нагласи таа.
Димитриеска Кочоска рече дека во 2017 година на новата власт предводена од СДСМ ѝ беа оставени откривка и јаглен спремен за ископ од околу 5,5 милиони тони што е еднакво на потребна количина за полн капацитет за следните 10 месеци.
Оставивме 25 милиони евра депозити, 8 милиони евра на сметки, нула доспеани обврски, ремонтирани блокови, полни акумулации и огромни завршени инвестиции во хидро и термо опремата. Секој почеток на грејната сезона бил пропратен со најмалку 200,000 тони јаглен на депонија. Со промена на власта започна пропаста на електоенергетскиот систем во Македонија, пропаста на гигантот ЕЛЕМ и МЕПСО. Енергетските претпријатија се користеа за испумпување на пари преку тендери, за набавка на несуштински работи, а не се инвестираше во нови машини, нова механизација, во ископ на јаглен и во пронаоѓање на нови наоѓалишта“, рече Димитриеска Кочоска и оцени дека власта ги запре сите проекти, не донесе инвестиции а самиот комбинат почна да пропаѓа.
Резултат е рекордното намалување на годишното производство на електрична енергија, намалување на приходите и зголемување на трошоците. Сето ова нѐ доведе до состојбата која ја имаме денес“, рече таа и нагласи дека во оваа криза има струја да се купи на берзите, но дека цената е висока.
Криминалот и неспособноста креираа енергетска криза која ќе заврши со тешка финансиска криза, рече Димитриеска Кочоска и нагласи дека одговорност ќе морада се понесе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.