Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека годинава нема власта да ги реализира предвидените буџетски приходи, затоа што македонската економија е во многу лоша состојба и е далеку од заживување и рестартирање, после КОВИД кризата која го зафати македонското стопанство.
Таа во во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, истакна дека не може од власта да се фалат дека народот подобро живее, а од друга страна да имаме зголемување на социјалната помош и социјалните трансфери.
Таа појасни дека загрижува фактот што разликата во трансферите на социјалната помош во однос на капиталните инвестиции е значително намалена и сега имаме само 1,39 пати поголеми капитални инвестиции, разлика која во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше пет пати, тоа само покажува дека сме социјална, а не развојна држава.
„Четири години зборуваа па просечната стапка на раст на економијата е 2,4 проценти, а не пет, како што предвидуваа. Она што загрижува намногу, по однос на буџетот и нашата иднина пред се, го гледам преку два параметри. Едниот параметар е како се движат капиталните расходи во однос на социјалната помош и тие во континуитет се намалуваат. Ако некогаш биле пет пати поголеми од социјалната помош, денес имаме 1,39 пати поголеми капитални инвестиции во однос на социјалната помош, а тоа покажува дека сме социјална држава и воопшто не размислуваме за развојни проекти“, истакна Димитриеска Кочоска.
Исто така, додаде таа, да го погледнеме другиот индикатор, кои се трансферите кон пензискиот фонд во однос на капиталните расходи, повторно ќе видиме дека состојбата и таму е алармантна, што значи дека она за кое што реагираше во минатото Социјалдемократскиот сојуз, денес само го влошува и состојбата станува пострашна.
Во однос на капиталните расходи, Димитриеска Кочоска, напомена, во минатото имаше капитални расходи за инвестиции како што имавме патишта, здравство, опрема и имавме еден дел кој што значеше докапитализација, односно трансфери за докапитализација како што ќе биде случајот за Развојната банка, а сега во капитални инвестиции има и расходи за невладини организации.
„И сега кога ќе ги погледнете тие податоци ќе видите дека во минатото, периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ 87 проценти од вкупните капитални расходи биле точно за основни средства, она што треба да биде двигател и мотор во економијата. Сега има 81%, во овие капитални расходи во овој период имаме и капитални расходи за невладини организации“, истакна Димитриеска Кочоска.
Таа порача дека во оваа влада на СДСМ не гледа ништо развојно и кога ќе се излезе надвор меѓу луѓето ќе видите дека народот живее полошо, компаниите се полошо се справуваат со ситуацијата и дека бруто инвестициите сериозно паднале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.