Министерството за Финансии според министерката Нина Ангеловска водело транспарентна политика кон граѓаните, секој втор збор на Нина Ангеловска е транспарентност, но ова е само заблуда и во пракса е далеку од вистината, рече на денешната прес-конференција заменик министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Како што претходно ве известив, Министерството за финансии на моите барања во однос на податоците за вработувања и согласностите за ангажирања, ме извести дека не води евиденција на издадените известувања за обезбедени финансиски средства за вработување и согласности за ангажирања во институциите во Р. Македонија, а притоа сметаат дека немалe ниту таква обврска. Со оглед на тоа дека кабинетот на министерката како надлежен сектор во однос на предметите за согласности, нема евиденција на овие предмети и покрај постоењето на законската обврска, непосредно по таквото известување, побарав да ми се достават копии од сите издадени согласности, за мојот кабинет да направи евиденција на истите и да ја извести јавноста за постапувањето по известувања за обезбедени финансиски средства за вработување и согласностите за ангажирање, затоа што сметам дека јавноста и граѓаните мора да бидат известени за начинот на трошење на нивните пари. За жал, до денес не ми се доставени ваквите копии, од за мене непознати причини, но се надевам дека соодветно ќе и биде објаснето на јавноста за ова постапување. Имено, се надевам дека Министерството за финансии нема повторно да ја манипулира јавноста и да кажува дека плановите за вработувања се доставени, затоа што уште еднаш напоменувам дека тоа се две различни работи, како по значење така и по законски основ – истакна Димитриеска Кочоска.
Накратко се надевам дека министерката по нашите укажувања почна да разликува што е план, а што е реализација. Што се однесува до барањето во однос на пристапот на трезорскиот систем, сакам да ве известам дека пристапот ми е ограничен. Односно опција која што е овозможена во системот open finance не ми е достапна во трезорскиот систем. Разликата е во тоа што на open finance се апдејтуваат податоците на 2 недели и не за сите субјекти, притоа јас не можам да ги следам податоците на дневна основа, бидејќи ми е потребна дневна аналитика, потенцираше таа.
Во однос на доспеаните, а неплатени обврски на буџетските коисници, единките корисници, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост и покрај доставеното барање на 14.01.2020 за пристап до Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО), дури денес после цел месец ми е дозволен пристап. Притоа, со оглед дека тукушто ми е дозволен пристап, се уште немам утврдено дали пристапот е целосен. Во однос на барањата за податоци поврзани со јавниот долг, не ми се доставени податоци за вкупните издадени важечки државни гаранции со датум на издавање, датум на доспевање, гарантиран износ и каматна стапка, ниту пак податоци за носителите на јавен долг со износ на обврски. Исто така, со оглед дека Министерството направило четири измени на годишниот план за јавни набавки за 2019 година, од кои последната е на 20.12.2019 година побарав информација за потребата за измените, како и податоци за разликата меѓу нивната проценета и реализирана вредност, како и причините за нереализирање податоци на набавките. Прашувам, на кого не му одговара да излезат на виделина вистинските бројки и параметри? На кого не му одговара да се знаат точните бројки околу вработувањата во администрацијата и целиот јавен сектор, а посебно пред овие избори? Ова ми отвара сомнеж дека некој навистина сака да направи поткуп. До кога ќе ги лажете граѓаните дека економијата оди нагоре, а со тоа и животниот стандард на граѓаните? Ова не може да се сокрие, од проста причина што граѓаните сами знаат и се свесни дали им се подобрил нивниот животен стандард – изјави таа.
Новата Влада, која ќе дојде после 12-ти април, ќе има искрен однос кон граѓаните на Македонија, вистинска транспарентност и секојдневно со сите сили, ќе работиме на тоа граѓаните да почувствуваат подобрување на стандардот и квалитетот на живот, додаде Димитриеска Кочоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.