Во најновиот извештај ММФ очекува раст за 2019 година да биде 3,2 проценти, кој е под оптимистичките бројки од 3,5 проценти на Министерството за финансии, а многу подолу од ветените пет проценти економски раст од страна на Зоран Заев и СДСМ. Со вакви стапки на раст Македонија ќе го достигне европскиот просек за најмалку 50 години. Ова го наведе дополнителната заменик-министерка во Министерството за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска на денешната прес конференција на која оцени дека ова е уште еден неуспех, уште еден нотиран лош извештај.

ММФ има извештај во кој како главни проблеми се корупцијата, ниските капитални инвестиции и непродуктивните трошоци. ММФ ја ревидира проекцијата за раст на економијата која е пониска од таа на Владата. За жал, ММФ нема многу пофални зборови во оние делови кои на долг рок треба да донесат раст и развој на економијата – рече Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека ММФ потенцира дека институционалните реформи како зајакнување на владеење на правото и борбата против корупцијата се основа за посилен раст и подобра конвергенција на приходите на жителите, наведувајќи дека благодарение на власта корупцијата во државата цвета, а владеењето на правото е поим кој секој ден ни станува подалечен.

Таа забележа дека ММФ нотира дека фискалната политика треба подобро да се води и да се ориентира кон јавните инвестиции во физички и човечки капитал, да се подобри ефикасноста на институциите и Владата.

Во извештајот пишува капиталните инвестиции се ниски, а тековните трошоци се зголемени. Дали има поголем доказ дека оваа ненародна власт прави непродуктивни трошоци. ММФ го спушти лажливиот и манипулативен оптимизам на Владата. ММФ оценува дека со ваква политика каква што во моментов води СДС ќе се намали способноста за справување со идните економски шокови – рече Димитриеска Кочоска.

Оцени дека во сценарио на идна економска криза Македонија ќе се најде неподготвена и со финансии кои нема да бидат доволни да ги испорачаат потребните политики и инвестиции за инфраструктурен и економски развој.

Генерално извештајот на ММФ ги потврдува лошите и промашени економски политики и целокупната општествена состојба во Македонија. Моменталниот економски раст во голема мера е под влијание на успешните странски инвестиции во минатото, но не се генерираат нови инвестиции поради несигурната економска и даночна политика. Образовниот систем и капацитетите на нашите ученици се на најнискиот степен во регионот со што неминовно си ја уништуваме иднината на нашите деца и државата – рече Димитриеска Кочоска.

Од целокупната анализа на извештајот на ММФ, нагласи таа, може да се заклучи дека економијата тоне таму каде што криминалот и корупцијата цветаат.

Смета дека потребна е голема промена, не само промена на власта.

Потребна е промена на начинот како се бориме против корупцијата, потребна е јасна, храбра и објективна борба против корупцијата во сите нејзини форми и сегменти во државата – рече таа.

Во одговор на новинарско прашање во врска со најавено ново задолжување, рече дека на 14-ти имавме нето задолжување од 500 милиони денари, и дека денеска има уште едно од 1,5 милијарди денари, што е повторно зголемување на јавниот долг, а притоа непродуктивните трошења растат.

Ова исто така можеме да го поткрепиме и со податокот од реализацијата на буџетот за 2019 година каде што јасно можете да видите дека трошокот за стоки и услуги е зголемен во однос на 2018 за 30 милиони, што јасно укажува дека власта и понатаму непротдуктивно троши и се задолжува токму заради непродуктивно трошење – рече Димитриеска Кочоска.

Според неа ново задолжување со еврообврзница значи задолжување на сериозно голем износ што треба да биде оправдан, треба да знаеме какви инвестиции ќе се финансираат со таа еврообврзница, каква е додадената вредност во однос на тие инвестиции и потоа да се задолжуваме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.