Девет компании се јавиле на повторениот повик за набавка на јаглен за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија наменето за стопанството и државните институции.

Како што информираат од ЕСМ, Понудите ги исполнуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен.

Понуди се доставени од домашни фирми кои нудат јаглен од два домашни рудници, потоа од фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и од Турција.

Следува техничка евалуација, односно проверка дали понудениот јаглен ги задоволува минимум техничките карактеристики, по што ќе се прави економско-финансиска евалуација на понудите.

Што се однесува до јагленот за ТЕЦ Осломеј од првиот повик за набавка, се очекува во понеделник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да се потпише договор, по што веднаш ќе започне испораката со динамика предвидена во договорот.

Исто така, од ЕСМ велат дека се во постојана комуникација со Владата и со ТЕЦ Неготино со цел стартување на термоелектраната, со поддршка на АД ЕСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.