Продлабочувањето на економските врски и соработката на регионална основа се перципираат како можност за забрзување на економскиот раст и како заемна корист на земјите од Западен Балкан и на вишеградската четворка.

Вакви се заклучоците од работната средба што се одржа деновиве во Будимпешта, а на која учествуваа претседатели и високи претставници на десет стопански комори – од една страна, шест стопански комори од земјите на Западен Балкан (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија), а, од друга страна, четири земји од т.н. Вишеградска група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска).

Ова е прва средба од ваков вид и е дел од активностите на Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, а од државава учествуваше Стопанската комора на Македонија, како единствена комора – членка на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан.

Средбата е одраз на интересот и на желбата на сите вклучени страни за зголемување на соработката меѓу компаниите од десетте земји. Во тој контекст, беа разменети мислења за економските случувања во секоја од земјите, како и за улогата на стопанските комори во олеснувањето на бизнис-соработката во иднина. Средбата доаѓа во важен момент, кога европскиот интегративен процес на земјите од Западен Балкан доживува одредено забавување.

 

Во тој контекст, продлабочувањето на економските врски и соработката на регионална основа се перципираат како можност за забрзување на економскиот раст и како заемна корист на земјите од Западен Балкан и на вишеградската четворка. Постои значителен неискористен потенцијал за поголемо економско поврзување, па во наредниот период низ разновидни форми ќе се бараат најефикасните механизми за искористување на тој потенцијал – соопшти Стопанската комора на Македонија.

Коморите од Вишеградската група и од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја потврдија заедничката желба да придонесат за понатамошниот развој на регионалната економска соработка меѓу земјите од В4 и ЗБ6, да соработуваат и придонесуваат за подобрување на деловната и инвестициската клима и за развојот на приватниот сектор во земјите, како и да имаат поактивен придонес за економско рестартирање на регионот по пандемијата со Ковид-19 за справување со економските предизвици и последиците од кризата. Коморите од В4 и Коморите од КИФ ЗБ6 ја нагласуваат важноста на одржливиот економски раст, дигиталната и зелената трансформација на индустријата и енергетската сигурност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.