Народната банка и во 2020 година гарантира дека денарот ќе биде стабилен, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МИА. Како централна банка располагаат со редица механизми со кои секогаш се подготвени да ја гарантираат стабилноста на домашната валута, да ја одржуваат ценовната стабилност и да дадат максимален влог за поволен макроекономски амбиент. Укажува и дека макроекономските проекции посочуваат на продолжување и умерено забрзување на растот на македонската економија, со што би достигнал околу 3,8 отсто во 2020 година.
Ние како централна банка располагаме со низа механизми со коишто секогаш сме подготвени да ја гарантираме стабилноста на домашната валута, да ја одржуваме ценовната стабилност и да го дадеме максималниот влог за поволен макроекономски амбиент. Гарантираме – и во 2020 година денарот ќе биде стабилен.
Монетарната стратегија на одржување стабилен курс на домашната валута подразбира потреба од одржување соодветно ниво на девизни резерви. И во првите часови на новата година можам да потврдам дека тие на редовна основа се одржуваат на високо ниво. Заклучно со крајот на ноември минатата година изнесуваат нешто над 3 милијарди и 241 милион евра.
Морам да нагласам дека сите показатели упатуваат на адекватност на резервите не само во тековниот период, туку и во однос на идната проектирана патека во следниот среднорочен период. Очекуваме дека проектираната надворешна позиција на економијата и однесувањето на економските субјекти ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви, со што тие и во следниот период би биле во комфорната зона и би овозможиле соодветна поддршка за одржување стабилен денар.
Стабилноста на домашната валута директно придонесува за одржување ниска инфлација, за стабилни очекувања на економските субјекти и за стабилен финансиски систем – фактори што се неопходни за обезбедување поволен амбиент за поддршка на растот на македонската економија, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МИА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.