Додека повеќето држави размислуваат, а некои како Словенија или САД забрзано работат на мерки за да го засилат потрошувањето и да ја спасат економијата од ударот на кризата предизвиката од корона вирусот, лидерот на СДСМ Зоран Заев продолжува да бара не стимулација на економијата туку кратење на расходите.
Заев вчера го повтори својот став дека јавната администрација, чиј број се проценува на над 120.000 луѓе, добие значително намалување на платите на минималецот од 14.500 денари. И покрај предупредувањата дека ова ќе ја урниса куповната моќ на огромен број семејства и ќе има сериозни циклични последици по економијата, Заев инсистира дека предлогот мора да се спроведе, па дури и дека двомесечниот период на кратење на платите ќе биде една од повеќето вакви мерки.
Несвојствено за државниците од кои се бара да го успокојат стравот кај граѓаните и да изнајдат начин економијата да продолжи да функционира дури и во услови на пандемија, Заев панично лицитира со дупката во буџетот, чии проекции секојдневно растат од 1.3 до 2.2 милијарди евра, што е повеќе од половина на пренагласнениот, предизборен буџет.
Буџетот е само лист хартија, мора сите да стиснеме заби, пари за плати нема, порачува Заев деновиве.
Но, дури и Заев не се осмели да ја посочи вистинската закана за стабилноста на буџетот, а тоа е исплатата на обврските кон една многу поголема категорија граѓани – пензионерите. Ако администрацијата ја има околу 120.000 (бројка која е многу тешко да се прецизира, имајќи ги предвид масовните привремени вработувања, локалната администрација и бројните полу-независни институции финансирани од државата), пензионерите ги има најмалку двојно повеќе. Пензија примаат над 320.000 граѓани. И ако платите на јавната администрација изнесуваат околу 400 милиони евра, пензискиот фонд секоја година не чини безмалку 900 милиони евра.
Главните извори на приходи во буџетот се данокот од 5 или 18 проценти на продажба на стоки и услуги (ДДВ) и данокот од 10 проценти на доходот кој се пресметува на приходите на компаниите и исплатените плати на граѓаните. Од платите дополнително се наплатуваат даноците за сервисирање на пензиските обврски и за финансирање на здравството, кои заедно ја намалуваат бруто платата за повеќе од една четвртина. Само пензискиот данок изнесува 18.8 проценти од бруто платата, но бидејќи Македонија старее и соодносот на населението се менува така што имаме се повеќе пензионери во однос на активното работоспособно население, дури и оваа висока даночна пензиска стапка не е доволна да се покријат пензиските обврски. Напомош доаѓа буџетот, од каде секоја година се одлеваат стотици милиони евра да се покрие дупката во ПИОМ – над 470 милиони евра биле префрлени од буџетот во пензискиот фонд во 2019 година.
Кризата засега најсилно ја погоди потрошувачката. Граѓаните се обврзани да седат дома поради полицискиот час и цели сервисни индустрии како што се угостителството и туризмот замреа преку ноќ. Ова предизвика драстично намалување на приливите во буџетот по основ на данокот на додадена вредност. Индустријата, која во изминатите години беше светла точка на македонската економија благодарение на многубројните големи фабрички капацитети кои работат за извоз, беше принудена да ги затвори портите, и компании како Дрекслермаер и Маркард пратија илјадници работници на платен одмор и не се знае кога повторно ќе ги отворат портите. Проекциите се дека оттаму драстично ќе се намали и вториот главен извор од кој се полни буџетот – приходите кои доаѓаат од данокот на доход и од платите на граѓаните. Доколку не се поделат плати, не може да се наплати ниту данокот за пензиско осигурување.
Пензиите во Македонија се ниски, некои и под 200 евра, а во просек одвај на ниво на минималната плата од 14.500 денари. Малубројни се пензионерите кои примаат пензии меѓу 500 и 800 евра. Но дупката која овие трансфери ја креираат во буџетот е несомнена. Сепак, мавајќи со сатарот во потрагата по средства кои може да се скратат од буџетот, Заев и СДСМ се насочуваат само кон јавната администрација, а не и кон пензионерите, бидејќи политичката казна која што ќе ја платат може да биде огромна. По деценија непречено зголемување како на платите така и на пензиите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и економски раст и покрај големите економски кризи во САД, а потоа и во Европа, СДСМ доцни со реагирање на економскиот удар од епидемијата, и единствена во Европа предлага кратење на потрошувачката. Единствениот избор кој го остави пред себе е дали да ја жртвува јавната администрација или пензионерите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.