Со краток протестен собир пред седиштето на ЕВН во Гостивар и повторување на барањата, група гостиварци уште еднаш искажа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата.

Организаторите на протестот, навивачката група „Кастриоти”, петтиот протест по ред го локализираа на помал простор, од центарот за култура, па до корисничко енергетскиот центар Гостивар на ЕВН.

Селајдин Абдули од Движењето „Отпор” од село Чегране во име на организаторот на протестот, побара ЕВН да го зголеми бројот на наплатни места и шалтери за плаќање на сметки и да ги отвори експозитури во другите населени места. Абдули во обраќањето ги повика сограѓаните од другите делови на Македонија да се приклучат на овие протести и да се спротивстават на зголемувањето на цената на електричната енергија.

На протестниот собир пред објектот на ЕВН во Гостивар беа прочитани барањата: Регулаторната комисија за енергетика да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 проценти, да се намали цената на електричната енергија за 20 проценти, а од Владата се бара да го намали ДДВ-то на енергијата од 18 на 5 проценти и да го прекине монополот на приватната компанија ЕВН.

Собирот беше обезбедуван од поголем број на полициски службеници и помина без инциденти. По разидувањето граѓаните ги оставија транспаренти со пораки пред објектот на ЕВН.

Денес, како поддршка на протестантите беше и Аријанит Џафери од Организацискиот совет на истите протести во градот Тетово. Тој за новинарите изјави дека во наредниот период притисокот ќе биде насочен кон Собранието, од кое зависат две од нивните четири барања: распуштање на Регулаторната комисија за енергетика и формирање на независно тело кое ќе има улога да ги контролира услугите на енергетските компании кои ги даваат на граѓаните.

Меѓу протестантите беше и градоначалникот Арбен Таравари со неколку соработници кои како што рекоа излегле како граѓани за да ги поддржат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.