Да работеше владата на Заев на проекти колку што работи на скандали и афери, Република Македонија навистина ќе блескаше. Вака блеска само криминалот, корупцијата и бизнис интересите на власта, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Скандалот кој го објавија медиумите дека фирма блиска на семејството на Заеви добила грант од Фондот за иновации и технолошки развој е уште еден доказ дека народните пари заминуваат речиси по правило во џебовите на функционерите или фирмите на нивни блиски фирми и членови од семејството. Имено фирмата Пауерад од Струмица минатата година добила милионски гранд од Фондот, истиот оној Фонд кој додели грантови и на фирмите на вицепремиерот Анѓушев, пратеникот Локвенец, снаата на советникот Цветанка Ласкова, и десетици други скандалозни случаи. Гореспоменатата фирма од Струмица не е туку така одбрана. Ако се земе досегашниот модел на доделување на грантови, постои основан сомнеж дека таа била почестена со средства затоа што во нејзиното сопствеништво удел имала фирма на Заеви, преку нивната фирма Еленица.
Тоа го говорат и документите. Фирмата Пауерад од Струмица до 7 август 2018 година била во косопственот на фирмата на Заеви, а Управител на „Пауерад“ бил Митко Димитровски, член и на управниот одбор на „Еленица“. Оваа фирма ја променила сопственоста во екот на минатогодинешната афера со доделување на грантови и потоа добила милионски грант од Фондот за иновации. Мошне инвентивен начин бил пронајден освен фирмите на најблиските соработници, милиони да завршат и во фирмата која е блиска до семејството Заеви, вели Арсовски.
Тој запраша дали фирмата Пауерад кога го добила грантот била доволно добро проверена во чија фактичка сопственост била и дали можеби се води и за оваа фирма како и за другите истрага како што беше влезено ОЈО во Фондот за иновации за доделување на грантови? Дали Фондот за иновации не сметал дека е сомнително што една фирма која што го променила сопственичкиот удел во екот на кампањата требало да биде одбиена за грантови?
Заев на говорница манипулираше со јавноста дека наводно поради голема етичност фирмите на семејството Заеви не учествувало на конкурски за иновативни грантови. А сега информациите говорат дека оваа фирма која е добитник на грант има историјат кој директно ги врзува Заеви и грантовите на Фондот за иновации. Толку од етиката и моралните лекции кои Заев ги делеше пред граѓаните.
Крајно сомнително е тоа што Еленица на Заеви туку така се откажала од сопственоста во фирмата Пауерад од Струмица, преку ноќ се избришале од листата на сопственици, ама затоа фирмата се нашла исто така мистериозно на листата на добитници на државни пари. Да потсетиме дека во тој ек на доделување државни пари преку Фондот за иновации се проневерија можеби преку 10 ипол милиони евра од страна на сите овие луѓе кои што ги споменавме од раководството на СДСМ, потенцираше Арсовски.
Тој дополни дека овој скандал е само показател на принципот на работа на Заеви воспоставен уште од времето кога беше Зоран Заев градоначалник на Струмица. Секогаш кога има некој добар бизнис или добра јавна набавка, ним блиска фирма да се најде како добитник. Овој скандал со Фирмата Пауерад е врвот на скандалозното работење на Фондот за иновации и технолошки развој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.