Загубарот Македонски железници – Транспорт ќе купува луксузна и современа лимузина што сама се паркира, за што планира да потроши до 68.000 евра, пишува телевизија Алсат.
Како што јавува телевизијата, во огласот на Бирото за јавни набавки стои дека претпријатието ќе купи лимузина. Планира за возила да потроши до 68 илјади евра, па дури е наведен и видот на дизел-мотор, односно ТДИ, но тој е препознатлив само за одреден бренд на возила. Во техничката спецификација за набавката нема цена, но стои дека автомобилот треба да биде до 2 илјади кубни сантиметри со минимални 147 коњски сили. Треба да поседува осумстепен автоматски менувач, да препознава замор кај возачот, да предупреди кога ќе се напушти коловозната лента, стартување без клуч, но и да може сам да паркира.
Но, тоа не е се. Во техничка спецификација наведено е дека автомобилот треба да има паркинг сензори, задна паркинг камера, навигација и година на производство да биде 2021 година. Понудите треба да бидат доставени најдоцна до 15 месецов. Не се планира електронско наддавање кое би значело зголемена конкуренција или пониска цена.
Инаку, загубите во железничкиот транспорт во земјава достигнаа 8,3 милиони евра. Во превозот на патници, загубите на железница само за лани се над 700 илјади евра додека во транспортот на стоки над 2,3 милиони евра.
МЖ – Транспорт е едно од претпријатијата за кое премиерот Зоран Заев најави дека би можело да се приватизира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.