Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев пред неколку денa во интервју за весникот „Независен“ нагласи дека е време за купување на нов државен авион затоа што времето на „лирџетот“ што го имаме му е „истечено“, барем за ВИП-летови.
Тунтев посочи дека ќе се бара ВИП авион со минимум 15 седишта, да се плати во форма на лизинг и дека тој би чинел помеѓу 15-20 милиони евра.
На оваа тема вчера се разговараше и во централното издание на вестите на 1ТВ со Ѓорѓи Чачкировски кој е експерт за авијација. Според него ако владата мисли да земе авион кој што лета 200 часа годишно, не ни е потребен како дополнителен трошок.
Според Чачкировски требало да излезат со конкретни информации бидејќи граѓаните треба да знаат во кој вид на форма на лизинг авионот ќе се земе, бидејќи лизингот има неколку форми. Едниот е сув лизинг, кога го земаат само авионот под наем и го користите во соодветни услови кои ќе бидат потпишани во договорот. Другиот е влажен лизинг со се пилот, со се ова доколку се одбере тоа. Третиот е варијанта финансиски и четвртиот е варијанта на откуп. Тој претпоставува дека е најпаметно владата да отиде на варијанта на откуп на авион со тоа што веројатно и овој авион ќе биде продаден за некоја сума.
Треба да се избере авион кој ќе одговара на потребите на владата. Кој тип ќе биде, тоа е второстепено прашање кое треба да се стави на хартија, појасни Чачкировски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.