Бројот на светското население на работ од глад би можел да се удвои поради пандемијата на коронавирусот, објави во вторникот директорот на Светската програма за храна (WFP), предупредувајќи дека е можна хуманитарна катастрофа до крајот на 2020 година.
Бројот на луѓето кои трпат тешка глад би можел да се удвои поради пандемијата на Covid-19 и до крајот на 2020-та да се зголеми на повеќе од 250 милиони луѓе“, предупредува споменатата агенција при Обединетите нации, која учествувала во подготовката на извештајот за прехранбените кризи.
Во извештајот се наведува дека бројот на луѓето на работ од глад значително пораснал во 2019 година, и дека од 113 милиони се искачил на 135 милиони поради судирите, климатските промени и економските кризи. Меѓутоа, во 2020 година оваа бројка од 135 милиони би можела да се зголеми на дури 265 милиони, поради економските последици од пандемијата, покажуваат проекциите на WFP објавени заедно со извештајот.
На видео-конференцијата на Советот за безбедност при ОН одржана во вторникот на оваа тема, Дејвид Бизли, директорот на WFP, црно ја отслика иднината на планетата, повикувајќи го највисокото тело на светската организација што поскоро да донесе конкретни мерки за да се спречи тоа.
Се наоѓаме на работ од пандемија на глад. Не се бориме само со пандемијата којашто го загрозува здравјето на луѓето ширум светот, туку и со хуманитарната катастрофа од планетарни димензии. На милионите цивили во земјите каде што има судири, од кои голем број се жени и деца, им се заканува глад и таа закана навистина е стварна и опасна“, истакна Бизли.
Во најлош случај гладта би можела да зафати триесетина земји. Всушност, во десет од овие земји веќе имаме повеќе од милион луѓе на работ од глад во секоја од нив“, додаде без да ги посочи овие држави.
Ариф Хусаин, главниот економист на WFP, автор на студијата и коавтор на извештајот претставен во вторникот, изјави дека „коронавирусот не можеше да се случи во полош момент“, и оцени дека состојбата и натаму се влошува.
Секој ден околу 21.000 луѓе во светот умираат поради прилини кои може да се доведат во врска со гладта. Таквата состојба во светот беше вообичаена и пред пандемијата“, рече Хусаин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.