Оштетените штедачи од Еуростандард банка преку соопштение до јавноста ги повикуваат државни истражни органи да се разбудат и по шест месеци да ги погледнат доказите за масовниот грабеж на депозитите од банката.

Како е можно многу близок соработник на Трифун Костовски да ја затвори фирмата во февруари 2019 година, во која тој е единствен сопственик, а притоа да има неисплатен кредит кон Еуростандард банка од над 200 илјади евра? Фирмата, која била со седиште во стан во централното градско подрачје на Скопје, нема обезбедување за земениот кредит бидејќи фирмата сега не ни постои и не може да се наплати. Според достапните податоци, фирмата е затворена и избришана од регистарот на фирми поради неактивност. Како е можно да не се отворил стечај за оваа фирма само поради долгот кон Еуростандард банка туку таа директно се затворила!? Несомнено, сето ова е направено со умисла, откриваат тие и додаваат дека се работи за изградена криминална мрежа.

Згаснатата фирма на блискиот соработник на Трифун Костовски се јавува и како косопственик на друга фирма-должник на Еуростандард банка со седиште во село Клечовце, Куманово. Кредитот на таа фирма е над 400 илјади евра, за којшто не платила ниту една рата повеќе од две години. Оваа фирма има единствено меница како обезбедување на земениот неповратен кредит. Фирмата е се уште правно активна, но нема никакви приходи веќе неколку години и нема ниту еден вработен. Капиталот на фирмата е негативен, таа има само обврски, додека кредитот кон Еуростандард банка не постои во билансите на оваа фирма. Според сите индикатори, фирмата е пред затворање на сличен начин како и фирмата на блискиот соработник на Трифун Костовски. И во случајот со оваа фирма, нашите пари се ненаплатливи во целост, велат тие.

Според нивните сознанија вакви и слични криминални активности во банката има многу.

Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, раководството на Еуростандард банка има пласирано ненаплатливи кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со меници. Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски се првотимците од ограбената банка кои свесно ги делеле ненаплатливите кредити во стотици илјади или милиони евра. Потоа, сопствениците на фирмите, оние кои ги добивале кредитите и ги делеле понатаму, добро знаеле и соучествувале во овие криминални активности. За сето тоа време, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска заедно со првиот тим од Народна банка гледале, но мудро молчеле и ја дозволиле евидентната масовна кражба на нашите депозити. Во овој организиран криминал се вклучени и проценители на имот, адвокати, извршители.

Од засега недоволно јасни причини, власта и релевантните државни истражни органи упорно молчат и го толерираат овој небесен криминал во Еуростандард банка, револтирани се оштетените штедачи. Тие тврдат дека има доволно докази, а крадците и криминалците се добро познати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.