Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на покана на Институтот за менаџмент и бизнис Хајделберг, се обрати на панел дискусијата „Економската ситуација во ЕУ, особено во Германија како земја партнер на балканските држави”, која се одржа преку видеоконференциска врска, во рамките на „Балканска бизнис недела”.

Во однос на економската стабилност, имаме добро закрепнување на извозот, поради фактот што Македонија најмногу привлекува бизниси со средна големина, не многу големи, што пак овозможува економијата да биде избалансирана и бизнисите да можат да излезат лесно од кризата и да се фокусираат кон закрепнување, нагласи вицепремиерот.

Битиќи кажа дека Владата во изминатите години работеше и продолжува посветено да работи на унапредување на регионалните и меѓународните односи.

Вицепремиерот зборуваше и за идните планови на Владата, при што се осврна на „Интервентниот план за инвестиции”, со вкупна вредност од околу 8,1 милијарди евра, а со кој се планира реализација на клучни проекти за создавање на одржлива и брзорастечка економија.

Го објавивме нашиот инвестициски план за следните седум години, кој вклучува 3,1 милијарди евра инвестиции во зелена енергија, 2,7 милијарди евра инвестиции во патишта и железничка инфраструктура, 800 милиони евра инвестиции во производството, 300 милиони евра инвестиции во малопродажба, 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство, 500 милиони евра во инвестиции во локална / комунална инфраструктура и околу 200 милиони евра инвестиции во туризмот. Тоа се вкупно 8,1 милијарди евра инвестиции. Нашиот план за инвестиции во следните седум години е фокусиран, тој е план да станеме подобра земја со почиста и позелена средина, со подобрена инфраструктура и подобри патишта, со посилен јавен здравствен систем, со подобрена и иновативна комунална инфраструктура и подобар систем за управување со отпад, и конечно, попривлечна туристичка дестинација, бидејќи туризмот беше една од индустриите што влијае на многу вработени, но исто така и на секој граѓанин. Сето ова ќе ја зголеми конкурентноста на нашата земја и на економијата, потенцираше вицепремиерот.

Битиќи информираше дека во подготовка е и Национална развојна стратегија од 2021-2041, која треба да ги одразува меѓугенерацискиот, родовиот, меѓуетничкиот, меѓупартискиот и долгорочниот консензус за приоритетите на Македонија, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за секого, особено за ранливите категории на граѓани.

Тој ја истакна како клучна регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, со крајна цел создавање на конкурентен и атрактивен регион за реализација на нови инвестиции.

Би сакал да ја искористам оваа можност да го ставам во центарот на вниманието уште еднаш, важноста на обединувањето на Западен Балкан како еден регион, бидејќи силно верувам дека само заедно – можеме да постигнеме поголема конкурентност и да привлечеме повеќе инвестиции. Локацијата на Западен Балкан е многу привлечна, а овој регион има толку голем потенцијал да стане особено привлечна дестинација за инвестиции, но исто така заедно треба да работиме на создавање силни синџири на вредности и да го искористиме максимумот од нашата конкурентска предност, а тоа е близината од европските пазари. Поединечно, ние сме мали земји со големи аспирации, но заедно сме одличен регион со уште поголем просперитет. Заедништвото е клуч за успешноста, заврши во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На панел дискусијата учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерката на  Анита Ангеловска Бежовска, извршниот директор и претседател на бордот на директори на Стопанска банка Диомидис Николетополус, заменик претседавачот на Комитетот за одбрана во Парламентот на СР Германија Карл Ламерс и претседателот на Хајделберг институтот Улрих Цајтел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.