Растот на цените пред се на прехранбените производи не треба да ги загрижува граѓаните, вели вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи при денешната посета во Битола со цел увид во активностите на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување”.

Тој посочи дека ситуацијата е под контрола, и нема посериозни зголемувања на цените. Додаде и дека владата не сака да реагира со евентуални мерки за ублажување на ценовниот шок, се со цел пред избори да не биде погрешно разбрана.

Како што вели тој, според увидот на завршените работи во архитектонската убавина и импозантност во Битола треба да бидеме горди дека има ваков репрезентативен објект на кој многу можат да ни завидуваат.

Оваа инвестиција е само дел од реализираните активности при Проектот за локална и регионална конкурентност кој има за цел да ги подобри туристичките потенцијали во 10 различни дестинации во земјава. Реконструкцијата на објектот и неговата околина чини вкупно 58.792.610,00 денари, од кои 52.913.349,00 денари беа обезбедени од Проектот за локална и регионална конкурентност додека Општина Битола учествуваше со 5.879.261,00 денари, информираше Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.