Оние економски оператори кои овие две недели ќе бидат затворени ќе бидат опфатени со нови мерки, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во објава на Фејсбук.

„Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет“,наведува вицепремиерот Битиќи во објавата.

Тој посочува дека како и во вонредната состојба оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час, со соодветни дозволи за движење.

„Дополнително, во текот на денот можат да продаваат храна и пијалоци од шалтер (take away или to go) без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат“, додава вицепремиерот Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.