аменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи оствари средба со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски.

На состанокот со директорот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, кој на оваа позиција е поставен пред околу шест месеци, беа разговарани неколку теми поврзани како со актуелната енергетска криза, така и со реформите кои ние како држава ги преземаме.

Од страна на Вицепремиерот беше потенцирано дека нашата Владата на седница го усвои Планот за енергија и клима на Република Македонија, и дополнително Министерството за економија за околу две недели ќе ги достави измените на Законот за енергетика на усвојување на седница на Влада, за потоа истите да бидат ставени во собраниска процедура.

Директорот на Енергетската заедница сподели информација дека Европската Комисија тековно работи на поставување на цели за обновливи извори, енергетска ефикасност и намалување на стакленичките гасови за 2030 година за земјите членки на Енергетската заедница, во согласност со Планот за декарбонизација усвоен од Министерскиот совет на Енергетска заедница во 2021 година.

Од страна на Вицепремиерот беше истакнато дека како што одминува времето и земајќи ги предвид случувањата во последните две години, станува се појасно дека постигнувањето на таргетите зададени со Парискиот договор, за транзиција од употреба на фосилни горива кон обновливи извори е предизвик за сите земји, и дека секако дел од нив ќе мора да претрпат одредени временски поместувања, но дека Македонија останува посветена на оваа агенда.

Вицепремиерот се осврна и на големите енергетски проекти информирајќи го директорот на Енергетската заедница за статусот на проектите: Хидроелектрана Чебрен, АКУО енерџи како агриволтаична централа и ветерниот парк на германската ВПД. Директорот на ЕЕЗ го поздрави спроведувањето на овие проекти и оцени дека ова се охрабрувачки сигнали за Македонија каде после подолго време се случува изградба на поголеми производствени енергетски капацитети кои истовремено ќе може да се користат и за балансирање на системот.

Вицепремиерот исто така го информираше директорот на Секретаријатот и за досега преземените активности на Македонија во нејзино учество во изградбата на гасниот терминал Александропули, закупувањето капацитет, изградбата на гасната централа, како и интерконекторот со Грција кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас. Дополнително Вицепремиерот потенцира дека интерконекторот ќе биде изграден со најнапредна технологија со која ќе може да биде пренаменет за транспорт на хидроген кој е енергенсот на иднината.

На крајот на состанокот директорот на Секретаријатот резимираше дека главен приоритет на Енергетската заедница во моментов е основање и ставање во функција на регионален пазар на електрична енергија кој е едно од клучните решенија кои ќе обезбедат стабилно снабдување со електрична енергија на целиот балкански регион, и кое во исто време ќе допринесе кон постабилни цени на електричната енергија и подобро планирање на искористеноста на енергетските капацитети и интерконектори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.