Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Јован Деспотовски, денес остварија редовна квартална работна средба со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, која е дел од Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Македонија.
На состанокот од страна на потпретседателите на комората Виктор Мизо, кој е и претседател на Асоцијацијата и Јелисавета Георгиева Јовевска беа презентирани прашања и теми кои ги интересираат членките на асоцијацијата, а кои се поврзани со нивното тековно работење, за мерките за поддршка за понатамошен развој, како и за активностите кои ги преземаат Владата и другите органи на државна управа за унапредување на бизнис климата во земјата.
Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до претставниците на асоцијацијата и воопшто на бизнис заедницата, за активното учество во процесите кои ги спроведува Владата, кои се во насока на унапредување на условите за водење на бизнис во земјата, и притоа посочи дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе биде отворена за соработка со сите чинители во економскиот и општествениот живот за креирање на најдобри можни решенија кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој на земјата.
Заменикот претседател на Владата ги информираше присутните за неколку позначајни активности, кои беа донесени неодамна, а претходно се спроведе широка дискусија за да се изнајдат најсоодветни решенија.
Битиќи потенцираше дека во декември, за првпат по 10 години, а по повеќе од 8-месечна дискусија, Владата усвои измени на Законот за царинска тарифа, со кои ќе се овозможи усогласување на царинскиот тарифник со европските норми за 258 царински шифри, со што се овозможува поголема конкурентност на компаниите кои работат во земјата и предвидливост за реализација на процесите. Вицепремиерот информираше и дека на последната Владина седница се усвоија измените во Законот за вршење на сметководствени работи, на кој се работи речиси 5 години, а со кои ќе се изврши усогласување на нашиот закон со меѓународните стандарди, со што дополнително ќе се олеснат сметководствените процедури и ќе се олеснат активностите на компаниите.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, посочи дека најголем број од компаниите кои имаат технолошки напредно производство работат токму во зоните, а во насока на обезбедување на подобри услови за нивно функционирање, најави дека во наредниот период за реализација на инфраструктурни проекти во повеќе ТИР зони во земјата се планирани околу 15 милиони евра, а со овие проекти ќе им се излезе во пресрет на барањата на компаниите.
На средбата, на која присуствуваа претставници на 25 компании со технолошко напредно производство се дискутираше и за измените на Законот за работни односи кои се однесуваат за „Недела неработен ден“, пришто беше јасно соопштено дека наскоро ќе биде донесено подзаконското решение со кое точно се дефинираат исклучоците на компании кои може да функционираат во недела и под кои услови и кај кои нема да може да се сопре техничко-технолошкиот процес, а се разговараше и за други предизвици со кои се соочуваат компаниите при секојдневното работење.
Присутните претставници на Стопанската комора и на компаниите изразија исклучително задоволство од соработката со Владата и државните институции и изразија очекување оваа соработка да продолжи да се развива, во интерес на државата, стопанството и сите граѓани на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.