Намалување на цените на електричната енергија на светските пазари може да се очекува од втората половина на април следната година, но тоа намалување е во однос на денешните, поскапени цени, а не во однос на цените од минатата година, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

Тој е во Атина прусуствува на 50-тиот Борд на регулатори на Енергетската заедница, на кој по втор пат беше избран за претседател на Бордот.

Бислимоски посочува дека тоа подразбира цени за најмалку два пати повисоки отколку што ги имавме во првиот дел од годинава.

Тоа намалување е, да не биде 220-230 евра, туку да падне на 110 -120 евра. За такво намалување станува збор, но тоа 110-120 евра за мегават час што го нарекуваме намалување, всушност претставува зголемување во однос на минатата година за повеќе од два пати, за жал. Но, верувам дека сега ќе ги чуеме и искуствата од другите земји, а во некои од нив, сигурно ќе бидат вклучени и Владите со цел да се стабилизира колку што може ситуацијата во енергетскиот сектор, истакнува Бислимоски.

Анализирајќи ја ситуацијата во регионот, тој вели дека особено е лоша ситуацијата кај земјите што се увознички на електрична енергија и природен гас, а тоа се Македонија, Молдавија, Косово, во одреден дел и Црна Гора зашто цените се драстично зголемени.

Дел од Енергетската заедница, освен Македонија, се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.