Додека не ги направиме анализите нема да лицитираме со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во првата половина на наредната година, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски во интервју за МИА што утре ќе биде објавено во целост и порачува дека ќе ја информираат јавноста кои биле трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електричната енергија.
Ги добивме барањата од сите три енергетски компании и во моментов ги анализираме и разгледуваме во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали имаат трошоци за увоз во делот на ЕВН Хоум и во делот на Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената – вели Бислимоски.
Тој порачува дека РКЕ ќе види дали тие цени што ги истакнале за набавка на електрична енергија се реални и дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесат нивната одлука.
Факт е дека најголем проблем ни се набавките на загуби во преносната и дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа е побарано зголемување од 15 до 16 милиони евра, а во дистрибутивната мрежа 134 милиони евра. Тоа се бројките што ги пријавиле како трошок и факт е дека електричната енергија на ХУПЕКС берзата во Унгарија денеска се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа има сериозно влијание врз целокупниот пазар на електрична енергија во целиот регион – појаснува Бислимоски.
Тој вели дека РКЕ може да влијае само на 37,2 отсто од крајната цена на електричната енергија и додава дека зголемувањето од 13,6 отсто на цената на електричната енергија што ќе ја продава ЕСМ на ЕВН Хоум влијае со околу 4,5 проценти на крајната цена што ќе ја плаќаат купувачите по 1 јануари.
Ако влијанието на ЕСМ во минатата одлука за цената на струјата што ја донесовме на 1 јули годинава е 34 проценти, тоа значи дека влијанието ќе биде околу 4,5 проценти на крајната цена што ќе се плаќа по 1 јануари. За најмалку толкав процент фактички мора да поскапи струјата. Ќе видиме како тоа ќе го истераме и со трошоците за обновливи извори на енергија и со трошоците од увоз. Но, тоа што го побарал ЕСМ значи минимум зголемување на цената од 4,5 проценти. Другите трошоци ќе ги детализираме во следните неколку дена – вели Бислимоски и додава дека РКЕ од 2019 година не ја утврдува цената по која ЕСМ ја продава струјата.
Регулаторната комисија за енергетика до крајот на месецов треба да ја одреди цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи што се снабдуваат преку Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, во првите шест месеци од наредната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.