За разлика од дел од развиените економии каде што каматните стапки се околу нулата, во нашиот регион, каматните стапки на централните банки и понатаму се позитивни, што во зависност од специфичните околности во секоја економија покажува дека просторот за монетарната политика во овие земји веројатно е поголем – информираше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествуваше Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија.

На овој годишен настан редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори.

На првата панел-дискусија посветена на монетарната политика, таа се осврнала на тековната и идната поставеност на монетарната политика во регионот и во земјата, евроизацијата и улогата на процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ) во градењето на институционалниот капацитет.

Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска говорела за амбиентот на исклучително ниски каматни стапки на централните банки и за очекувањата за продолжување на стимулативната монетарна политика во развиените земји, со оглед на ниската инфлација и очекуваното забавување на растот. Таа нагласила дека со оглед на силните трговски и финансиски врски со еврозоната, понатамошното олабавување од страна на Европската централна банка е еден од факторите кој што може да придонесе за понатамошно олабавување на монетарната политика и на централните банки во регионот. Воедно, ставила акцент и на монетарната политика на нашата централна банка, којашто во изминатите неколку години постојано се олабавува, што придонесува за намалување на цената на финансирањето на корпоративниот сектор и домаќинствата, како и за раст на кредитната активност.

Во однос на прашањето за евроизацијата, гувернерката изјавила дека таа е присутна во нашата земја, но е пониска во споредба со други земји од регионот.

Во изминатиот период се забележува позитивен тренд на нејзино постепено намалување, особено во периоди кога нема позначајна економска или политичка нестабилност. Таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе презема мерки за понатамошно намалување на степенот на евроизација, со што би се зголемила ефективноста на монетарната политика. Притоа, укажа и на Стратегијата за денаризација во која се вградени повеќе мерки за нејзино зголемување, што е впрочем нагласено и во рамките на економскиот дијалог со ЕУ, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.