Растот на економијата во иднина и закрепнувањето по ковид-кризата ќе се заснова на дигитална економија, зелена економија и инклузивен просперитет. Поддршката на зелената и дигитална трансформација е и една од заложбите на Владата и Министерството за финансии, која е вградена во Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст кој веќе е во завршна фаза на подготовка во МФ.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на Конференцијата на тема „Забрзување на зеленото финансирање во Македонија: Вoведување фонд за зелено финансирање“ што се одржа во Скопје.

Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст е еден од стратешките документи на Министерството за финансии. Насочен е кон остварување на заложбата за двојно зголемување на економскиот раст и фискална консолидација. Зелената и дигитална трансформација на која ќе се заснова идниот развој ќе бараат огромни инвестиции, a токму eдна од целите на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од над 4 милијарди евра за периодот 2021-2026 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор – истакна Бесими.

Покрај зголемување на инвестициите со Планот се очекува и зголемување на стапките на економски раст на среден рок на пет проценти годишно и обезбедување фискална консолидација преку намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП на среден рок.

Како што појасни Бесими, Планот ги презентира постојните и новите механизми за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор и ги квантифицира ефектите врз бруто-инвестициите и економскиот раст.

Обраќајќи се на панелот на тема „Зелено финансирање во Македонија“, министерот Бесими се осврна на делот од Планот што е насочен кон зелената економија, односно за новите инструменти и фондови што се предвидени.

Зелените обврзници се нов финансиски инструмент за поттикнување и поддршка на проекти што ја поддржуваат „Зелената агенда“ и зелената транзиција, а насочени кон проекти за унапредување на животната средина, поточно подобрување на енергетската ефикасност; намалување на загадувањето, систем за интегрирано управувањето со отпадот; поддршка на одржливо земјоделство, риболов и шумарство, заштита на водните и копнените екосистеми, обезбедување чист транспорт и одржливо управување со водите, негување технологии што се еколошки, итн.

Меѓу фондовите со Планот ќе се формираат Фонд за енергетска ефикасност, во рамки на Банката за развој на Македонија, а средствата меѓу другото ќе бидат наменети за идни енергетски ефикасни инвестиции, како и финансирање на инвестициите во енергетска ефикасност и обновлива енергија во јавните згради. Исто така, предвидено е финансирање и преку Фонд за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, како и стратешки зелен инвестициски фонд со цел инвестирање во проекти на големи претпријатија – изјави Бесими.

Тој додаде дека тоа е само дел од Планот кој предвидува нови форми и начини на инвестирање, со кој се проценува да бидат инвестирани 12 милијарди евра во проекти дизајнирани и имплементирани од јавниот и приватниот сектор.

Владата е фокусирана на „Зелената агенда“, дигитализација, иновации и технологија, развој на човечки капитал, подобрување на инфраструктурата, социјална кохезија и добро управување. Посветеноста на Владата кон заштита на животната средина се отсликува и преку поддршката што е предвидена во Буџетот и посебната програма за зелен развој, како и во напорите за искористување на финансиските можности од меѓународните финансиски институции кои стојат на располагање – изјави Бесими.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.